За рехабилитација на пациенти со изгореници се обучуваа лекари и медицински персонал од Штип
Двајца физијатри, двајца хирурзи, како и физиотерапевти, инструментарки и медицински сестри од Клиничка болница-Штип и Општата болница во Кочани ја завршија шестнеделната обука организирана од страна на англиската Организација за ургентна медицина, информираше Никола Костадинов физијатар на Одделението за Физикална терапија при Клиничка болница-Штип.
Тој истакна дека со македонските тимови работеа со сертифициран тим од доктори специјализирани за тренинг рехабилитација на пациенти со изгореници. Лекарите и медицинскиот персонал се ангажирани за рехабилитација на повредените од пожарот во дискотеката Пулс во Кочани.
Обуката беше интензивна и сакам искрено да се заблагодарам на докторот и неговиот тим за несебичното помагање во стекнување на знаење, искуство и вештини во областа на рехабилитација на изгорениците, рече Костадинов.
Тој додаде дека по добиентите сертификати, обучените лекари и медицински персонал освен што се вклучени во рехабилитација на повредените во двете болници ќе можат и тие да вршат обуки и да го пренесуваат знаењето на своите колеги. Костадинов вели и дека тимовите можат бидат ангажирани било каде во светот доколку има вакви несреќи и повредени. Инаку на Одделението за Физикална терапија во Штип се рехабилитираат тројца пациенти кои се повредени во пожарот во дискотеката Пулс, а од утре ќе им пристигнат уште неколку пациенти.