За првпат во државата извршена е интервенција на пациент со скршен лакт и скршеница на главата на радиус во лакотниот зглоб
На Клиниката за трауматологија при ТОАРИЛУЦ за првпат во државата е изведена интервенција на пациент со скршен лакт и скршеница на главата на радиус во лакотниот зглоб. Со оваа постапка е постигната стабилизација на зглобот и е овозможено целосно враќање на функцијата и движењата во него.
Станува збор за прва интервенција во Македонија со примена на систем за радијална замена на главата, кој вклучува радиолуцентни испитувања и кодирани ознаки во боја. Овој метод овозможува прецизно одредување на висината на имплантот во самиот оперативен процес, како и визуелизација на проксималната улна и зглобот, што значително ја зголемува ефикасноста на интервенцијата.
Интервенцијата беше изведена од тим на експерти предводен од трауматологот д-р Игор Мерџаноски, заедно со д-р Александра Танеска и д-р Александра Горѓоска. Анестезиолошката поддршка ја обезбеди д-р Александар Димитровски, додека медицинската сестра-инструментарка Елизабета Јовановска и рентген техничарот Тони Цветковски беа дел од тимот што ја реализираше оваа успешна интервенција.