МакедонијаНајново

За една деценија Македонија загубила 2.000 лекари, одливот на лекари најмногу се чувствува во внатрешноста

Дали и кога ќе почне да се “лечи” македонското здравство? Според информации од Македонското лекарско друштво, за една деценија, Македонија загубила околу 2.000 лекари.

Недостигот од современа опрема, ниските плати, работното оптоварување и ограничените можности за професионален развој се клучните фактори кои придонесуваат за егзодусот на лекари, укажуваат експертите. Одливот на медицински кадар посебно се чувствува во внатрешноста на државата.

Во единствената Клиничка болница на истокот, одливот кој започна од одамна сè уште не може да се надополни со нов. Имено, во штипската Клиничка болница, иако недостигаа 100, летово беа примени само 16 здравствени работници, а од пред неколку месеци е испратено последното барање за вработување на уште триесеттина здравствени работници, од кои околу 20 се техничко-помошен персонал. За истиот тој оглас сè уште се чека одговор од ресорните министерства.

Ништо не е поразлично ниту во кочанската општа болница со проширена дејност. Таму одделението за гинекологија и акушерство работи само со еден гинеколог, а годинава од оваа болница 12 медицински сестри ќе заминат во пензија, вели директорката Душанка Горгиева – Трпевски.

Барањата за нови вработувања во кочанската општа болница се позитивно одобрени од Министерството за здравство, но се чека одобрување од Министерството за информатичко општество и на крај од Министерството за финансии, додава директорката. 

Инаку, оваа тенденција на долго чекање не само што ја ослабува здравствената заштита, туку и го зголемува товарот на преостанатиот медицински персонал, а освен тоа, земјата ги губи инвестициите направени во образованието на овие професионалци.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons