За 15 дена „Безбеден град“ донесе 20% помалку тешко повредени во сообраќајки
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски очекува поддршка од пратениците за измените на Законот за прекршоци и на Кривичниот законик, кои се последните законски предуслови за официјалната примена на системот „Безбеден град“, што од почетокот на месецов е во пробна фаза.
Во гостување на ТВ Канал 5, Тошковски истакна дека останува најавата за старт на системот од 1 февруари, доколку Собранието навреме ги усвои законските измени.
„За Законот за прекршоци, кој е во втора фаза во Собранието, потребно е двотретинско мнозинство, додека за Кривичниот законик е доволно просто мнозинство. Се надевам дека сериозноста на овој проект ќе биде препознаена и дека ќе има поддршка од сите пратеници“, рече Тошковски.
Тој нагласи дека доколку не биде изгласан Законот за прекршоци, примената на „Безбеден град“ ќе мора да се пролонгира.
„Верувам дека овој закон треба да го поддржат сите, бидејќи целта е спасување човечки животи“, додаде министерот.
Според податоците од пробниот период, кој траел 15 дена во Скопје, системот веќе дава резултати. Како што посочи Тошковски, бројот на пациенти со тешки телесни повреди задржани на Клиниката за трауматологија е намален за околу 20 проценти, а за 15 до 20 проценти е намален и вкупниот број на пациенти донесени поради сообраќајни несреќи.
Министерот увери дека техничките недостатоци забележани во пробната фаза ќе бидат надминати до 1 февруари. Најави и дека со подзаконски акти ќе се утврди дозволеното пречекорување на брзината, согласно европските стандарди, кои се движат од три до десет километри на час над дозволеното.
Тошковски истакна дека локациите на камерите ќе бидат јавно објавени, бидејќи, како што рече, целта не е казнување, туку намалување на брзината и бројот на жртви и повредени во сообраќајот.
„Се врши ревизија и на сообраќајната сигнализација. Секаде каде што има камера за мерење брзина, задолжително ќе биде ревидиран и сообраќајниот знак согласно важечки сообраќаен проект“, рече Тошковски.
Тој информираше и дека видео-записите од регистрираните прекршоци ќе се чуваат во рокови утврдени со закон, а МВР наскоро ќе пушти и апликација преку која граѓаните ќе можат да добиваат информации за сторени прекршоци.



