Жестоки мерки за маркетите кои не го почитуваат Законот за нефер трговски практики
Во првите три месеци од годинава Владата ќе испрати законски измени до Собранието со кои ќе се зголемат казните за маркетите кои не го почитуваат Законот за нефер трговски практики. Според најавите од министерството за економија, од сегашните максимални 20 илјади евра, глобата би изнесувала 200 илјади евра.
Премиерот Мицкоски изјави дека Владата не сакала веднаш да казнува, туку прво се обидела со предупредувања и апели. Но, како што рече, дел од трговските ланци не го смениле своето однесување. Продолжиле со нефер практики, само што сега тоа го прикриваат со други имиња.
– Се обидуваат да ги видоизменат тие нефер трговски пракси, за производот да добие подбро место на рафтовите, да биде повидлив итн, па тоа што порано беше некаков процент во форма на рабат, денеска е маркетинг услуга, услуга за истражување на пазар итн и тоа внимателно го документираме и следиме. Кога ќе бидеме целосно подготвени, а тоа мислам дека ќе биде наскоро, ќе преземеме жестоки мерки. Како велат нашите поискусни и повозрасни: „на човек со сила не можеш да му дадеш“. Така што, ако тие не можат да ја препознаат пораката и упорно нивен главен интерес им е профитот на сметка на граѓаните, тогаш како Влада немаме други опции освен да ги заштитиме граѓаните – кажа Мицкоски.
Мицкоски не одговори дали станува збор за истите маркети за кои претходно беше утврдено дека биле дел од картелско здружување. За тој случај рече дека е од времето на претходната власт и дека оваа Влада само го процесуиирала.
Земјава од поодамна се обидува да стави ред со цените во маркетите. Законот за нефер трговски практики стапи во сила пред година и пол, а очекувањата беа дека ќе следи поевтинување на 2.500 производи за 10%. Тоа не се случи. Цените не паднаа ни по законските измени со кои трговците беа обврзани да ги објавуваат цените на сите производи на нивните веб-страници.
Последно замрзнување на маржите имаше лани, откако во обемни контроли пазарните инспектори открија двоцифрени маржи и кај маркетите и кај дистрибутерите. По завршување на ограничувањето, беше направена анализа на базичната инфлација, но таа не резултираше со мерки против поскапувањето. Државна статистика пресмета годишната инфлација во ноември од 4%. Колкава била во декември ќе се знае во четврток.



