ЕУ одобри 140,5 милиони евра финансиска помош за БиХ
Европската Унија одобри 140,5 милиони евра неповратни средства за Босна и Херцеговина во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА III) за периодот од 2025 до 2027 година, соопшти денеска Делегацијата на ЕУ во БиХ.
„Европската Унија останува најдоследниот партнер на Босна и Херцеговина“, објави Делегацијата на ЕУ во Сараево на социјалната мрежа Икс, потврдувајќи дека институциите на Унијата ја одобриле финансиската поддршка.
Претходно оваа година, Советот на министри, а потоа и тричленото Претседателство на БиХ, го ратификуваа договорот со Европската Унија.
Средствата се наменети за поддршка на Босна и Херцеговина во усогласувањето со правилата и стандардите на ЕУ. Тие ќе бидат искористени за проекти за економски развој, реформи во јавната администрација и институциите, управување со миграцијата, одржливо земјоделство и прехранбениот сектор, како и за други области важни за процесот на приближување кон членството во Европската Унија.
ИПА III е главниот инструмент преку кој Европската Унија финансиски ги поддржува земјите кандидати и потенцијалните кандидати во спроведувањето на реформите поврзани со пристапниот процес. Целта е да се зајакнат институциите, да се подобри управувањето со јавните политики, да се зголеми конкурентноста на економијата и постепено да се усогласи законодавството и практиката со правото на Европската Унија.



