Есенско утро во Македонија: Наутро мраз и ниски температури, попладне сончево и топло до 26 степени
Под влијание на поле со висок воздушен притисок, во земјава следува период на стабилно време, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Утринава најстудено беше во Берово, каде што беа измерени -2 степена.
Според синоптичката прогноза, денот ќе биде обележан со голема температурна разлика меѓу утринските и дневните вредности:
– Утрата ќе бидат ведри и студени со ниски температури кои наместа ќе се спуштат под нула степени. Во текот на денот времето ќе биде сончево и релативно топло, информира УХМР.
Во целата држава се очекува ведро и постудено утро, проследено со слаб до умерен ветер од северен правец, додека максималните дневни температури ќе се движат во интервал од 19 до 26 степени. Во Скопје времето ќе биде сончево со слаб до умерен северен ветер, со утринска температура до 6 и дневна максимална температура до 25 степени.



