Електронските алки за затвореници за современа пробациска политика
Во Центарот за тренинг на КПД Идризово денеска беше промовиран надградениот систем за електронски надзор. На промоцијата присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски и министерот за правда Игор Филков.
„Електронските алки не се само технолошки уреди – тие се алатка за реформа. Тие се симбол на една нова, современа пробациска политика. Преку нивното користење, овозможуваме: алтернатива на затворот, намалување на пренатрупаноста во казнено-поправните установи, подобра ресоцијализација и поголема безбедност за граѓаните. Ова не е само техничка надградба – тоа е јасна определба дека правдата може да се спроведува со достоинство и почитување на човековите права“, истакна министерот за правда Игор Филков.
Дополнително, со новиот Закон за пробација, чиј предлог е веќе подготвен во Министерството за правда, многу скоро ќе биде објавен на ЕНЕР, воспоставуваме правна рамка која овозможува поширока примена на куќен притвор, условен отпуст и ресторативна правда, сето тоа под буден, но хуман надзор.
Овој процес кој е резултат на сериозна работа и посветеност на Министерството за правда, Управата за извршување на санкциите и поддршката од нашите партнери, претставува чекор напред во реализацијата на европските стандарди за извршување на казните и унапредување на човековите права.
„Со тоа, ги охрабруваме надлежните да пристапат кон пробацијата многу похрабро за во иднина заеднички да ја отстраниме црната дамка која што беше фрлена досега на изречените мерки – куќен притвор. Довербата и сигурноста во системот мораме да ги вратиме. Ќе продолжиме да работиме на реформи кои носат вистинска промена, и ќе изградиме правосудство кое е достапно, правично и во служба на граѓаните“, изјави Филков.
Во функција се ставаат електронски алки за издржување казна куќен затвор, најави директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов. Како што посочи на денешната прес-конференција, целта е да се намали пренатрупаноста во затворите ширум земјава, каде казна затвор издржуваат вкупно 2.300 затвореници и 400 притвореници. Во моментов 60 лица се апликативни за добивање на електронски алки.
Пандов појасни дека алките се поврзани со ГПС систем и со централен софтвер за 24-часовен мониторинг преку нив ќе се следи движењето на затворениците, со, како што рече, прецизни гео-граници за движење, додека секое отстапување автоматски ќе биде евидентирано и сигнализирано.
„Во моментов на мојата нога носам алка и ја тестираме дали работи. Ако се оддалечиш од периметарот или ако го мрдате рутерот, алката покажува црвено и сигнализира. Од УИС потоа се јавуваат на осуденото лице затоа што во секој рутер има сим-картичка. Ако тој не се јави, има право на едно негово блиско лице кое може да се јави. Ако и тој не се јави, се јавуваме во полиција. Верувам дека човек кој што ќе добие алка дека нема да си дозволи да ја злоупотребува“, појасни Пандов.
Тој истакна дека во рамки на Управата за санкции формирано е одделение за електронски надзор кое ќе надгледува доколку затвореникот се оддалечи од периметарот. Пандов додаде дека процесот може да биде инициран со поднесување на барање од самиот затвореник, односно неговиот адвокат, како и од страна на затворот.
„Позитивните закони овозможуваат на три категории затвореници да имаат алки – на стари и изнемоштени лица, бремени жени или мајки со мали дечиња или на тешко болни и лица со инвалидитет. Самите затвори можат да побараат за одредена категорија на осуденици. Ако земеме предвид дека голем дел од затворениците се тешко болни, самото нивно носење во болница нѐ чини пари. Самото чување на тие затвореници во болниците ни троши ресурси. Затоа, тие затвореници отсега ќе можат да ја отслужуваат затворската казна во својот дом со алка на ногата“, рече Пандов.