Единаесет лица контакти на хоспитализираната вработена на Инфективна под 14 дневен надзор
Единаесет лица контакти на хоспитализираната вработена на Инфективна се ставени под 14 дневен надзор, откако кај неа беше констатирана конго-кримска хеморагична треска, информираше денеска Рената Младеновска, директор на Државен санитарен и здравствен инспекторат.
– По добиена информација од страна на Институтот за јавно здравје, веднаш истиот ден на петти август, екипа на епидемиолози од Центар за јавно здравје – Скопје изврши епидемиолошки увид, земени се анкети и контакти. Информацијата е споделена со ДСЗИ и ние како институција издадовме уште 11 решенија, односно тоа се контакти на веќе хоспитализираната пациентка која што е и вработена на Клиниката за инфективни болести. Тие 11 контакти ќе бидат под 14-дневен здравствен надзор, соопшти Младеновска.
Таа појасни што подразбира здравствениот надзор.
– Пациентката односно контактите ќе треба да се јавуваат и да бидат во постојан контакт со дежурниот епидемиолог од Центар за јавно здравје – Скопје, да бидат, тоа не е изолација класична, меѓутоа не треба да имаат контакт со останатите – дали е потесното семејство, едноставно да издржат овие 14 дена да не се прошири оваа зараза и јас се надевам дека ова ќе биде и последниот случај. Што се однесува до претходните 29 контакти, од тие 29 контакти една се потврди како случај, вкупно имаме здравствен надзор, издадено решенија за 40 луѓе, рече Младеновска.
Запрашана дали овие 11 се сите од Инфективна или од семејството, појасни дека од овие 11, десет луѓе се од потесното семејство на пациентката и еден контакт е колешка нејзина исто така од Клиниката за инфективни болести.
Претходно, претседателот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ рече за МИА дека Комисијата апсолутно стои зад сето тоа што е направено од страна на Институтот за јавно здравје, мерките што се преземаат и препораките што се даваат, нагласи тој.
Oд она што го виделе, како што додаде тој, првиот случај е случај на директно заразување, а вториот е веројатно на пренесување преку контаминирана крв.
Во првиот случај со директно заразување, почина 27 годишна пациентка, по инфекција со каснување од крлеж.