Договор меѓу Иран и Оман: Се подготвува 60-дневен план за отворање на Ормуската Теснина
Иран и Оман се согласија за рамката за повторно отворање на Ормуската Теснина, која би траела 60 дена, а би имала за цел да го врати поморскиот сообраќај, како и да започне технички разговори за трајно решение во тој период.
Како што изјави висок функционер запознаен со ова прашање, постигнатиот договор би можел да биде објавен во рок од неколку дена. Сепак, договорот постигнат меѓу Техеран и Мускат сè уште треба да биде одобрен од иранскиот Врховен совет за национална безбедност.
Според официјалните лица, рамковниот договор предвидува бродовите што влегуваат во Ормуската Теснина да го користат морскиот коридор најблиску до Иран, додека бродовите што го напуштаат мореузот ќе го користат коридорот најблиску до Оман. Исто така, земјите во регионот би можеле да учествуваат во процесот на расчистување на мини од тој воден пат.
Индиректни преговори и дипломатска офанзива
Изворот за Ал Арабија изјави дека „постојат индиректни разговори меѓу Вашингтон и Техеран преку посредници, кои влегле во последна фаза“.
Во рамките на дипломатските активности, шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, неодамна имал два телефонски разговори со началникот на пакистанската армија, Асми Мунир, а се очекува тој да го посети Исламабад овој викенд или почетокот на следната недела.
Изворот посочи дека се очекува претставници на Пакистан, кој е посредник во решавањето на конфликтот меѓу САД и Иран, да го информираат саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман за најновите случувања во преговорите.
Пакистанското Министерство за надворешни работи соопшти дека пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф и Асми Мунир ќе престојуваат во официјална посета на Саудиска Арабија.



