Доброволниот воен рок веќе не е критериум за професионалните војници
Доброволното тримесечно служење војска од 2020 година не е критериум за станување професионален војник. Поради оваа причина нема интерес за доброволно служење на воен рок и не се реализира ваквата активност согласно годишниот план, бидејќи не се исполнува минималниот кворум од 30 доброволци, објаснуваат од министерството за одбрана.
Од таму потенцираат дека ова воошто не влијание врз борбената готовност на земјава зошто интересот на граѓаните од 18 до 25 години да станат припадници на АРМ се префрлил на огласите за прием на професионални војници на кои се пријавуваат неколку кратно повеќе кандидати од бројот на предвидените места.
- На последниот јавен оглас за прием на 150 професионални војници, пријавени се 715 кандидати, додека на јавниот оглас кој се реализираше на крајот на 2022 година на кој беа примени 200 професионални војници, пријавени беа дури 900 кандидати. Истото се однесува и на претходните неколку огласи кога за секое објавени место во просек се пријавуваа 9-10 кандидати, велат од одбрана.
Од министерството објаснуваат дека интересот бил голем поради поволностите и зголемените плати, околу 46.000 денари со надоместокот за станарина, но и бенефициите околу пензионирањето.
Сите примени кандидати склучуваат прво 3 месечни платени договори и за тоа време поминуваат обука во касарната во Велес слично како и за доброволното служење војска, а потоа договорите им се на 4 години. Професионални војници можат да бидат до навршување на 45 –та година.
Инаку во земјите во регионот голем е интересот за доброволно служење војска. Една од мотивациите е големиот месечен приход, но и условот за да можат да станат професионални војници.