ДИК: Ангажираните за локалните избори ќе добијат надоместоци како за минатогодишните двојни избори
Надоместоците за членовите на избирачките одбори, општинските изборни комисии за спроведување на Локалните избори 2025 година нема да се намалат, туку ќе се движат на ниво на претходните избори, односно претседателските и парламентарните избори, информираше денеска претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко.
На јавна седница на ДИК едногласно беше усвоен Правилникот за определување на критериуми за надоместоци за членови на изборните органи, државна администрација и ангажирани лица по налог на ДИК за спроведување на Локалните избори. Претседателот на ДИК, Кондарко посочи дека комисијата овој правилник го донесува после секој спроведен изборен процес, согласно Изборниот закон.
„Изборните органи, тоа се избирачките одбори, општинските изборни комисии, вработените во стручната служба, подрачните одделенија и ангажираните лица по основ на соодветни одлуки за помошни тела имаат право на соодветен надоместок врз основа на определени однапред дефинирани услови и критериуми за видот, обемот и сложеноста на времетраење и други критериуми за работниот ангажман“, посочи Кондарко.
Претседателот на ДИК, на денешната јавна седница соопшти дека изгласаниот правилник ќе биде доставен до сите изборни органи и во наредниот период ДИК ќе постапи по истиот и врз основа на посебна одлука ќе определи соодветни надоместоци за сите категории на изборни органи.
„Пред сè тука мислам за избирачките одбори и општинските изборни комисии. Има во правилникот определени градации за избирачките одбори, според бројот на запишани избирачи во секое избирачко место. За општинските изборни комисии според бројот на избирачки одбори во секоја ОИК, има други критериуми по кои ќе се раководи Државна изборна комисија. Сите изборни органи, општинските изборни комисии и вработените и помошните тела ангажирани доставуваат поединечни извештаи за нивната работа. Надоместоците, од прилика зборувам, бидејќи има повеќе категории, повеќе услови, повеќе градации, во различни одредби од правилникот, ќе се движат на ниво на минатите избори, кои беа двојни избори. Имавме во предвид дека Локалните избори се најобемни и најсложени за организирање“, рече Кондарко.
На денешната 158-ма јавна седница на ДИК, Кондарко соопшти и дека по вчерашното конечно објавување се завршени изборните дејствија за Локалните избори, денеска ДИК ги известува надлежните институции за постапување во Изборниот закон. Кондарко додаде дека ДИК очекува распишување на Локалните избори во четирите општини во земјава, каде што немаше цензус. Станува збор за општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово Ростуше. Во наредните денови кога ќе го добијат решението за распишување на изборите, од страна на претседателот на Собранието, веднаш уште истиот ден ДИК ќќе закаже јавна седница, на којашто ќе го почне изборниот процес, во овие четири општини.



