Денеска се празнува Свети Никола Чудотвроец, архиепископ Мирликијски
Македонската православна црква – Охридска архиепископија и верниците денеска го слават споменот на Свети Николај Чудотвроец, архиепископ Мирликијски – заштитник на сиромасите, патниците, морепловците, затворениците и неправедно осудените.
Многу македонски семејства за свој домашен заштитник го имаат св. Никола и неговиот ден го празнуваат со многу свечености. Во народното паметење овој лик останал како заштитник на патниците, посебно на оние што патуваат по вода, но и по тоа што како за време на животот така и по смртта ги помагал сиромасите, ги заштитувал затворениците и неправедно осудените, ги откупувал робовите и ги пуштал на слобода.
Именден празнуваат: Никола, Нино, Николина, Коле, Кула, Нина…
Во животот на нашиот човек посебно значајно место има свети Никола Мирликиски-Чудотворец, кого многу семејства го сметаат за свој домашен заштитник и со домашни служби и со многу обичаи го празнуваат неговиот спомен.
Иако повеќе се празнува денот на неговата упокојување 19/6 декември, (празник познат како зимски Св. Никола или Св. Никола ‒ зимен), сепак, внимание му се посветува и на денот на пренесувњето на моштите на св. Никола од Мир (во Ликија) во Бари (Италија) на 22/9 мај, (празник меѓу народот познат како летен Св. Никола, или Св. Никола – летен).
Овој важен лик од христијанската религија е роден кон крајот на III век во гратчето Патара во малоазиската област Ликија. Уште како дете се истакнувал со добро воспитание поради што станал омилен и пред Бога и пред луѓето.
Неговиот чичко, кој исто така се викал Николај, и кој бил архиепископ Патарски, согледвајќи ги позитивните карактеристики на младиот Николај ги наговорил родителите да му дозволат да се посвети на Бога и го произвел во чин презвитер.
За време на ракополагањето епископот исполнет со пророчки дух во еден момент покажувајќи на младиот Николај извикал: „Браќа, јас го гледам новото сонце што изгрева над земјата и ветува утеха на сите потиштени. Блажено е стадото што ќе го има за пастир, зашто тој ќе ги приведе кон вистината заблудените овци, ќе ги пасе на пасиштето на благочестието и ќе биде помошник на сите страдалници“.
Ова пророштво на стрикото Николај се исполнило, зашто младиот Николај подоцна навистина станал заштитник на сиромасите, но и помошник на сите што со верба му се обраќале.
Во македонските народни преданија се раскажува дека еднаш кога патувал по вода бродот потонал, а тој шест недели поминал на една штица. За цело време се молел на Бога да го спаси, а Господ не само што го спасил, туку затоа што бил исполнет со верба кон Бога и што го молел го назначил за заштитник на морепловците.
Во таа смисла Марко Цепенков запишал дека „Свети Никола је на морињата – да варди луѓето од талазите на морето да не се удаат“.
С. Тановиќ, пак во записите на обичаи и верувања од Гевгелиско на едно место забележал дека овој ден се празнувал „поради дождови и поплави“, а на друго место дека го празнувале рибарите и морепловците, дека секогаш бил на вода и ги држел клучевите од седум извори за да не се удават луѓето, зашто кога би ја пуштил водата сите би се удавиле.
На Дојранското Езеро, на овој ден рибарите не влегувале во чуновите, а и во Солунскиот Залив престанувал сообраќајот. И Е. Спространов во обичаите од Охрид забележал дека свети Никола бил тој „шо и поиљвит морињата. Тога, каде да се најт гемија или пампур останвит таму макар, стрет море да је, ќе се заприт и ќе го држит (ќе го празнуват). Свети Никола е фенерлија, праит чудесиј“.
Истражувачите на народниот живот истакнуваат дека многу елементи од обичаите и верувањата поврзани со св. Никола водат потекло од претхристијанско време, но дека се задржани сите обреди, обичаи, жртвувања, и сл. кои биле поврзани со некогашниот претхристјански јунак на морињата, водите и ветровите.



