МакедонијаНајново

Дел од паднатите дрвја низ Скопје ќе завршат како огрев за социјално загрозени семејства

Огромна дрвна маса остана по невремето во Скопје која се транспортира во непознат правец, барем за јавноста. Од Град Скопје објаснија за што ќе се намени.

Никој не може точно да каже колку дрвја паднаа низ Скопје во текот на страшното невреме што се случи пред неколку денови кога ветрот со брзина од над 130 километри на час, носеше буквално сѐ пред себе – покриви, гранки, лимени огради и уриваше дрвја.

Првичната информација од МВР што следуваше набрзо откако невремето стивна, беше дека се пријавени 189 паднати дрвја, но бројката е веројатно и трипати поголема. Голем број дрвја паднаа во Градскиот парк, околу 80 на гробиштата „Бутел“, стотици низ Карпош и Аеродром како и низ другите општини, предизвикувајќи огромна материјална штета и оставајќи зад себе многу смачкани автомобили, но за среќа ураганот помина без човечки жртви.

Огромна дрвна маса остана по невремето во Скопје која се транспортира во непознат правец, барем за јавноста. Од Град Скопје објаснија за што ќе се намени.

Граѓаните со денови слушаат брмчење на пили со кои работниците ги сечат паднатите стебла и гранки, па ги товарат на камиончињата со кои располагаат. Дел од исечените трупци лежат во тревите и чекаат да бидат транспортирани.
Всушност, станува збор за тони и тони дрвна маса што се носи во непознат правец, барем за очите на јавноста.

За тоа што се прави потоа со овие дрвја, каде се носат, се користат ли за нешто и кои ги користи одговор побаравме од Град Скопје.

Оттаму објаснуваат дека по расчистувањето на теренот, паднатите листови, ситните гранки и останатиот растителен отпад се транспортираат до депонијата „Дрисла“, каде што соодветно се одложуваат.

Поголемите стебла и дрвната маса се пренесуваат во ЈП „Паркови и зеленило“, каде што се складираат и се подготвуваат за понатамошна намена. Планирано е од нив да се изработуваат летниковци за на Водно, урбана опрема, клупи, огради и слично – велат од Град Скопје.

Дел од урнатите стебла, како што тврдат, ќе завршат за огрев.

Според воспоставената практика, останатата дрвна маса ќе им биде доделена на социјално ранливи категории граѓани, кои ќе можат да ја искористат како огревно дрво, во соработка со Црвениот крст и со невладината хуманитарна организација „Св. Спас“. Со ова, покрај расчистувањето на последиците од невремето, дрвната маса добива корисна намена и претставува поддршка за семејствата на кои им е најпотребна – посочуваат од Градот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons