МакедонијаНајново

Д-р Обочки: За час и половина примивме 30 пациенти по пожарот во Кочани – брзата реакција спаси млади животи

Пластичниот и реконструктивен хирург д-р Елизабета Обочки од Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ изјави дека здравствените тимови реагирале исклучително брзо по трагичниот пожар во Кочани, при што во рок од час и половина биле примени 30 пациенти со изгореници.

Говорејќи на панелот „Национален и меѓународен здравствен одговор и акутен третман на изгореници“, што се одржа во рамки на Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани, д-р Обочки објасни дека уште рано наутро на 16 март бил активиран целиот медицински тим на Клиниката.

„Бевме повикани од шефот на дежурната екипа. Во координација со директорот д-р Настов, веднаш беа мобилизирани пет пластични хирурзи, тројца специјализанти, како и врвен тим анестезиолози. Операционите сали беа подготвени, како и медицинските сестри во интензивната нега и на одделите. За час и половина примивме 30 пациенти, од кои 18 беа сместени на Одделот за интензивно лекување, а 11 на одделите за детска и пластична хирургија и урологија“, посочи таа.

Пациентите веднаш биле прегледани од мултидисциплинарен тим составен од трауматолози, неврохирурзи, рендгенолози, интернисти, офталмолози, пулмолози, токсиколози и психијатри. Обочки изрази благодарност и за брзата реакција на Владата, како и за поддршката од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и од странските медицински центри.

„Голема благодарност до соседните држави и до европските центри кои помогнаа со прифаќање на најкритичните пациенти во специјализирани центри за изгореници“, нагласи таа.

Во наредните две недели Клиниката „Св. Наум Охридски“ функционирала како центар за третман на изгореници за дел од повредените пациенти. Во лекувањето бил вклучен и медицински тим од Израел, кој помогнал со ензимски третман на изгорениците.

„Третиот ден започнавме со рана ексцизија и покривање со автотрансплантати на функционалните делови на телото – дланките и шаките кај шест пациенти. Огромна поддршка дадоа медицинските сестри и целиот здравствен персонал, со нутритивна и психијатриска грижа“, истакна Обочки.

Таа се заблагодари и на Институтот за јавно здравје за редовните микробиолошки анализи, кои, како што рече, биле клучни за побрзо закрепнување на пациентите.

„Со редовни микробиолошки анализи и секојдневна поддршка успеавме дел од пациентите за еден месец да си заминат дома. Кај тројца пациенти кои повторно беа вратени на лекување се пристапи со интензивно поставување кожни трансплантати“, додаде таа.

Д-р Обочки потенцира дека третманот на изгореници бара брза реакција и координирана тимска работа.

„Тимската работа, брзата реакција на Владата и стручноста на медицинските тимови спасија млади животи, иднина и соништа“, рече таа.

Таа посочи дека кај дел од пациентите, покрај изгорениците, биле констатирани и инхалациони повреди и интоксикација, поради што бил неопходен итен и комплексен третман. Пациентите биле на возраст од 17 до 47 години, со изгореници од 7 до 40 проценти од телесната површина. Кај двајца пациенти била извршена итна фасциотомија, додека кај 10 пациенти била направена итна ешаротомија.

На крајот, докторката се заблагодари за меѓународната поддршка и хуманоста што, како што рече, ја покажале многу медицински центри и колеги од регионот и Европа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons