Големи поплави во Истанбул, падна најсилниот дожд од 1942 година
Истанбул сè уште се опоравува од дводневните поплави во кои загинаа најмалку три лица, а метеоролозите веќе предупредуваат на нови обилни дождови. Во градот со 16 милиони жители, потрагата по четири исчезнати лица е во тек, јавува германската агенција ДПА.
Метеорологот на турската Генерална дирекција за метеорологија Абдула Маџит предупреди дека утре повторно се очекуваат обилни врнежи од дожд, особено во северните и источните делови на Истанбул, јавува турската државна новинска агенција Анадолу.
Бидејќи тлото е веќе заситено со вода, постои ризик од понатамошни поплави дури и ако паднат помали количества дожд. Маџит им советуваше на граѓаните во сабота да патуваат со автомобил само доколку е апсолутно неопходно. Според прогнозите, обилните дождови треба да почнат да сопираат во недела наутро.
Истанбул беше погоден од бројни ненадејни поплави и лизгање на земјиштето во средата. Нивото на водата значително се зголеми во некои области, подрумите беа поплавени, а луѓето беа заробени во автомобилите на поплавените улици.
Според градскиот Центар за координација во вонредни ситуации (AKOM), во населбата Бејкоз, на север од азискиот дел на Истанбул, се измерени повеќе од 277 милиметри дожд. Ова е најголемото количество врнежи регистрирано во областа од 1942 година.
Турскиот министер за внатрешни работи Мустафа Чифтчи изјави дека во Истанбул се распоредени повеќе од 46.000 припадници на службите за реагирање при катастрофи, крајбрежната стража, жандармеријата, градските служби и волонтери. Службите сè уште трагаат по четири исчезнати лица.



