Голем успех: Катерина Ацевска во својата категорија во џиу-џицу е најдобра во целиот свет
Македонската натпреварувачка Катерина Ацевска испиша нова страница во домашниот спорт, откако од денеска официјално е најдобро рангирана џиу-џицу борачка во светот во својата категорија.
Со одличните резултати и континуираните успеси во изминатите години, Ацевска се искачи на првото место во сениорска конкуренција над 70 килограми, оставајќи зад себе дури 70 натпреварувачки од 30 различни земји.
Од Џиу-џицу федерацијата не го криеја задоволството од историскиот успех на македонската спортистка, потенцирајќи дека зад овој резултат стојат години напорна работа, жртва и посветеност.
„Овој резултат доаѓа после 15 годишна напорна работа и посветеност, многу вложување и многу откажување. Многу пролеана пот и крв, многу поминати тренинг кампови, многу повреди, преживеани судиски неправди, непреспиени ноќи, финансиски кризи.
Една цела младост…
Овој резултат доаѓа после многу поминати турнири, после многу освоени медали.
Учества и освојување на медали на Светски првенства, учества и освојување на медали на Европски првенства, ГрандПри турнири, Балкански првенства…
Незастануваме тука, ќе се обидеме што подолго да го задржиме првото место. Ова за нас ќе биде голем мотив но и обврска уште појако да го одиме овој пат наречен џиу џица. Тоа е нашата мисија, тоа е нашиот живот“, порачуваат од федерацијата.



