Вчерашното невреме предизвика големи штети во струмичко
Вчерашното невреме проследено со силен дожд, ветер и град предизвика големи штети на земјоделските површини и пластениците во селата Муртино, Еднокуќево и Босилово. Според жители од овие населени места, штети има најмногу на пластениците, кои од силниот ветер се урнати, а поголема површина е поплавена.
Денеска се огласи градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој преку неговиот фејсбук профил информираше дека веднаш е формирана Комисија за проценка на штетите во селото Муртино и ги повика сите кои претрпеле штета од понеделник да ја пријават во Општината.
СЕГА ТОПКАТА Е КАЈ ВЛАДАТА НА ВМРО-ДПМНЕ. ЈАСНО И ГЛАСНО ПОРАЧУВАМ: НЕ СМЕЕТЕ ДА ГИ ЗАБОРАВИТЕ ОВИЕ ЛУЃЕ. МУРТИНО НЕ Е ПОЛИТИЧКА КАТЕГОРИЈА – ТОА СЕ ЧЕСНИ ЛУЃЕ КОИ ЖИВЕАТ ОД СВОЈАТА ЗЕМЈА. БАРАМЕ 100 ОТСТО ОБЕСШТЕТУВАЊЕ. СЀ ПОМАЛКУ ОД ТОА ЌЕ БИДЕ НАВРЕДА И ОМАЛОВАЖУВАЊЕ ЗА СЕКОЈ ШТО ИЗГУБИЛ ПЛОД, ИМОТ ИЛИ ПОКРИВ НАД ГЛАВАТА, НАПИША КОСТАДИНОВ.
И градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев, информира дека штети се евидентирани во селата Еднокуќево и Босилово и дека од понеделник ќе се знае какви мерки ќе преземат како Општина.