Врховниот суд застана на страната на Трамп, на трансродовите лица им е забрането да служат во војска
Врховниот суд на Соединетите Американски Држави му дозволи на претседателот Доналд Трамп да спроведе забрана за трансродовите лица да служат во војска, додека судските постапки против политиката продолжуваат во пониските судови.
Забраната беше привремено блокирана од судија во Вашингтон откако неколку припадници на војската, вклучувајќи ја и командантката Емили Шилинг, пилотка на борбени авиони во морнарицата, поднесоа тужба против мерката. Трансродово лице кое сакало да се приклучи на војската, исто така се придружило на тужбата.
Во итно барање до Врховниот суд, администрацијата на Трамп тврдеше дека судовите треба да покажат почит кон воените одлуки и да ѝ дозволат на војската сама да донесува одлуки за прашања како што се подготвеноста и дисциплината.
Врховниот суд денес донесе непотпишана одлука со која се укина претходната блокада на забраната, дозволувајќи таа веднаш да стапи на сила. Тројца либерални судии беа против одлуката.
Кратко по преземањето на функцијата, претседателот Трамп издаде две извршни наредби со кои му даде на Пентагон зелено светло да им забрани на трансродовите лица да служат во војската. Во друга регулатива се наведува дека идентификувањето како трансродово лице „не е во согласност со посветеноста на војникот на чесен, искрен и дисциплиниран живот“ и би влијаело негативно врз борбената готовност на војската.
Во февруари, Министерството за одбрана на САД објави дека насилно ќе ги отстрани од служба сите трансродови припадници кои веќе биле во војската во тоа време. Седум припадници на вооружените сили, вклучувајќи ја и Шилинг, поднесоа тужба тврдејќи дека политиката на забрана „ја компромитира воената подготвеност, безбедноста на членовите и го крши Уставот на САД“.
Во март, федерален судија во државата Вашингтон донесе одлука со која се запира спроведувањето на забраната низ целата земја, велејќи дека владата не успеала да докаже дека забраната ќе го подобри „единството, редот или дисциплината на единиците“. Деветтиот окружен апелационен суд не ја укина таа привремена забрана, па таа остана на сила – до одлуката на Врховниот суд.
Сега, по одлуката на Врховниот суд, привремената забрана повеќе не важи, а спорниот случај продолжува да се разгледува во пониските судови.