Војната на Блискиот Исток влијае и на Формула 1, две трки се во опасност
Трките од новата сезона во Формула 1 кои треба да се одржат во Бахреин и Саудиска Арабија се под знак прашалник поради војната на САД и Израел со Иран.
Бахреин треба да биде домаќин на четвртата трка од новата сезона, викендот од 10 до 12 април е предвиден за тој настан, а една недела подоцна треба да се вози трката во Саудиска Арабија.
Но, по воениот напад на САД и Израел и жестокиот одговор од Иран кој нападна повеќе земји во Блискиот Исток, неизвесно е дали овие трки воопшто ќе се одржат.
Во Манама, главниот град на Бахреин, беше погодена американска поморска база во областа Џуфер, област од градот каде што обично престојува персоналот на Формула 1. Ракетниот напад оштети воена, енергетска и цивилна инфраструктура, вклучително и хотели. Во исто време, ирански беспилотни летала ја нападнаа Саудиска Арабија.
Во еден од првите напади, дел од рафинеријата „Сауди Арамко“ во Ријад беше оштетен, а постојат стравувања дека нешто слично може да се случи и во Џеда, која има и нафтени и гасни постројки. Тркачката патека на Формула 1 се наоѓа во Џеда. Формула 1 излезе со соопштение во кое се вели дека „внимателно ја следи ситуацијата“.
„Нашите следни три трки се во Австралија, Кина и Јапонија, а не на Блискиот Исток – тие трки нема да се одржат неколку недели. Како и секогаш, внимателно ја следиме секоја таква ситуација и тесно соработуваме со надлежните органи и секогаш ќе ја даваме приоритет на безбедноста на сите во овој спорт“, соопшти седиштето на Ф1.
Иако има уште пет недели до трката во Бахреин, Ф1 треба во следните десет дена да одлучи дали двете претходно споменати трки ќе се одржат.



