Македонија

Внимавајте, полицијата засилено казнува за еден сообраќаен прекршок! 

Од 15 ноември, стапи на сила обврската за задолжително користење на зимска опрема за возилата, која ќе трае до 15 март следната година. Полицијата спроведува акциски контроли за казнување на овој сообраќаен прекршок. 

За возила со маса која не надминува 3.500 kg, прописите предвидуваат зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од четири милиметри (4 mm), или пневматици со летен профил и длабочина на шарите од минимум четири милиметри (4 mm), како и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

За возила со погон на четири тркала (4×4), обврската е зимски пневматици на сите тркала, со минимална длабочина на шарите од шест милиметри (6 mm), или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина од минимум четири милиметри (4 mm). Оваа категорија возила треба да имаат синџири за снег, при што во случај на постојан погон, синџирите треба да бидат поставени на задната осовина, а во случај на преклоплив погон, на постојано вклучената осовина.

Возилата со маса над 3.500 kg, како што се товарни и автобуси, треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала, со длабочина на шарите на слојот што гази од минимум шест милиметри (6 mm), или пневматици со летен профил и длабочина на шарите од минимум четири милиметри (4 mm), како и синџири за снег за погонските тркала или други соодветни помагала.

Автобусите и товарните моторни возила кои по технички причини не можат да постават синџири на погонските тркала, треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.

Зимските пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“, и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.

Доколку не се почитуваат правилата за користење и носење зимска опрема во возилата, кои се предвидени во Законот за безбедност на патниот сообраќај, согласно истиот, на секој возач кој постапува спротивно на одредбите ќе му биде издаден платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противредност, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бодови.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons