Влада: Не знаеме кого Трендафилов чекал во празна сала, средбата помеѓу премиерот Мицкоски и претставниците на УПОЗ е закажана за во четврток
Во врска со денешните јавни настапи и изјави на Трендафилов, како Влада најостро реагираме на обидите за создавање лажна слика за социјалниот дијалог.
Не знаеме кого Трендафилов чекал, сместувајќи се во празна сала, но едно е кристално јасно, социјалниот дијалог за нас е сериозна и одговорна државна политика, а не средство за политички театар и парадерство пред камери. Јавноста треба да знае дека средбата на премиерот Мицкоски со претставници на синдикатот УПОЗ е закажана и ќе се одржи во просториите на Владата во четврток во 16:45 часот.
Ова е конкретен доказ дека Владата не бега од дијалог, туку инсистира истиот да биде сериозен, суштински и насочен кон резултати.
Социјалниот дијалог се води таму каде што му е местото, во институциите, со јасен план и реална намера за изнаоѓање решенија.
Сите обиди истиот да се претвори во лажни наративи и самоволни појавувања, се неодговорни и штетни по интересите на работниците, кои наводно се бранат.
Владата останува цврсто посветена на конструктивен социјален дијалог, но нема да дозволи истиот да биде злоупотребуван за дневнополитички калкулации.



