Вкупно 632 македонски државјани побарале евакуација од Блискиот Исток
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) информира дека заклучно со денес, вкупно 632 македонски државјани побарале информации за евакуација од погодените региони на Блискиот Исток.
Од нив, 136 лица се пријавени во Доха, додека бројката во Абу Даби континуирано се зголемува и во моментов изнесува околу 477 лица.
Во однос на македонските државјани во Израел, бројката останува непроменета. За дел од нив (вкупно 6 лица), со посредство на МНРиНТ е завршена евакуацијата и тие одлучиле на сопствен трошок со комерцијални летови да заминат кон Скопје.
Останатите шест лица, кои изразиле подготвеност за евакуација, во текот на денот ќе бидат транспортирани по копнен пат од Израел во Египет, со асистенција на дипломатско-конзуларните претставништва. Тие ќе бидат сместени на безбедна локација, во хотел на товар на државата, а се очекува во текот на утрешниот ден со владиниот авион безбедно да полетаат кон Скопје.
Во делот на македонските државјани во Обединетите Арапски Емирати и Катар, дипломатско-конзуларното претставништво (ДКП) во Абу Даби, во координација со надлежните институции, е во фаза на финализирање на техничките и логистичките детали за организација на чартер-летови. Целта на Министерството е, во координација со властите во Обединетите Арапски Емирати и Катар, да обезбеди неколку чартер-летови за евакуација на пријавените лица.
Истовремено, македонските ДКП-а прават и посебен план за евакуација на граѓаните кои се во Бахраин и Кувајт.



