Вкупно 16 повредени во пожарот во Кочани заминуваат на домашно лекување
Министерот за здравство Арбен Таравари информираше дека од вкупно 46 пациенти повредени во пожарот од дискотеката „Пулс“ во Кочани, 16 од нив после токсиколошките испитувања наскоро ќе бидат испишани на домашно лекување.
Лекувањето за повредените според министерот за здравство ќе трае меѓу 2 недели, а за некои од повредените во пожарот и со месеци. Спомена дека тим од пластични хирурзи деновиве заминува во Кочани и во Штип за да провери какви ќе бидат потребите на тие јавно-здравствени установи. Целта, истакна Таравари е доктори од Скопје да им излезат во пресрет на потребите на пациентите во нивните градови.
-На некои пациенти за рехабилитација ќе им бидат потребни 2 недели, а на други месеци, рече Таравари.
Во моментов во Клинички центар се 26 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ се 10 пациенти и уште 10 во хируршката клиника „Св. Наум Охридски“.
-Добрата вест е дека од овие 46 пациенти испишуваме 16 пациенти. Тие дома ќе продолжат да се лекуваат а 30 ќе останат во болниците во Скопје. Се подготвуваме за прием на пациентите што се во странство, за оние што се враќаат. Неделава очекуваме 8 пациенти од странство да се вратат, па да бидат примени прво на клиниките кај нас, со минимален престој од ден-два, за проверки. Нема да оставиме ништо на случајноста. Од пациентите во странство четири се критични. Да се надеваме дека нивната состојба ќе се подобри, рече Таравари.
Министерот алармираше дека е можна фаза на инфекции кои се јавувале често кај пациенти со изгореници од втор и трет степен.