Варшава воведува ограничувања за воздушниот сообраќај во источна Полска
Полска воведе ограничувања за воздушниот сообраќај по должината на своите источни граници со Белорусија и Украина, соопшти денеска Оперативната команда на вооружените сили, објави Ројтерс.
Полска вчера рано наутро собори руски беспилотни летала во својот воздушен простор, со поддршка на сојузнички авиони на НАТО, што е првиот познат случај на отворање оган од страна на членка на НАТО за време на војната на Русија против Украина.
„По барање на Оперативната команда на вооружените сили, ограничувања за воздушниот сообраќај ќе бидат воведени во источниот дел на Полска во форма на ограничена зона ЕП Р129“, соопшти Полската агенција за управување со воздушниот сообраќај во соопштение доцна вчера.
Ограничувањата стапија во сила на полноќ и ќе важат до 9 декември, се вели во соопштението. Од зајдисонце до изгрејсонце, летовите во ограничената зона се забранети, освен за летала со екипаж што летаат во согласност со план за лет, носат соодветни транспондери и одржуваат двонасочна комуникација со надлежните органи за контрола на воздушниот сообраќај.
Исклучокот важи и за воени летови и одредени специјални летови со посебни ознаки. „Од зајдисонце до изгрејсонце важи целосна забрана за летање, освен за воени авиони. Во зоната ЕП Р129 важи 24-часовна забрана за летање за цивилни беспилотни летала“, соопшти агенцијата.
Руското Министерство за одбрана вчера соопшти дека неговите беспилотни летала извршиле голем напад врз воени објекти во западна Украина, но дека не било планирано да се погодат цели во Полска.