Брисел: ЕУ нема да дозволи безбедносен вакум во БиХ
Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас денес во Сараево потврди дека ЕУ останува посветена на зачувување на мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина и нема да дозволи безбедносен вакум и дека ја гледа таа земја како идна полноправна членка, под услов да се спроведат реформите.
„ЕУ ќе стори сè што е во нејзина моќ за да спречи каков било безбедносен вакуум во оваа земја. Нема да дозволиме историјата да се повтори“, кажа Калас во говорот кој го одржа пред припадниците на Еуфор и истакна дека Брисел сериозно ги сфаќа сите закани за територијалниот интегритет и суверенитет на БиХ.
Калас е во посета на Сараево, каде што се сретна со командантите и членовите на воените сили на ЕУ (Еуфор) распоредени во БиХ како дел од мисијата Алтеа, чиј мандат беше едногласно продолжен од Советот за безбедност на ООН за уште една година минатата недела. Таа се сретна и одделно со членовите на Претседателството на БиХ.
Коментирајќи го процесот на европска интеграција во Босна и Херцеговина, таа кажа дека е јасно што Босна и Херцеговина мора да направи, а ЕУ ќе ѝ помогне да ја заврши таа работа. Ова го вклучува и назначувањето на главниот преговарач, што стана нова спорна точка во земјата.
„Тоа мора да биде лице кое ужива доверба кај сите во земјата“, истакна Калас.
Таа ја поздрави одлуката на парламентот на Република Српска да ги поништи законите со кои се обидоа да ги оспорат овластувањата на државното судство и полициските агенции во тој ентитет. Калас очекува дека претстојните избори за претседател на тој ентитет дополнително ќе придонесат за стабилизација на ситуацијата.
Калас предупреди дека е потребно сите во БиХ да го почитуваат нејзиниот устав и закони, и во тој случај нема да има потреба од никакви надворешни интервенции.
„Само кога ќе се исполнат тие услови, можеме да преминеме во процес на затворање на меѓународниот надзор“, рече Калас, одговарајќи на прашањето за ставот на ЕУ во врска со шпекулациите дека Канцеларијата на високиот претставник на Западот (ОХР) може да биде затворена.
Во март 2024 година Босна и Херцеговина доби согласност од Европскиот совет за отворање преговори за пристапување во ЕУ, но услов за тоа беше барањето од Брисел државниот парламент да ги усвои Законот за судовите и Законот за Високиот судски и обвинителски совет, што досега не се случи.
Главен преговарач во име на Босна и Херцеговина исто така не е назначен, а оваа тема стана повод за нови политички спорови во земјата бидејќи некои партии бараат преговарачот и неговата канцеларија да бидат назначени од Советот на министри на Босна и Херцеговина предводен од Борјана Кришто.
Друг блок предводен од бошњачките партии и опозицијата од Република Српска сака државниот парламент да го стори тоа за да се елиминира влијанието на Алијансата на независни социјалдемократи (СНСД) на Милорад Додик врз тој процес.
Минатата недела Домот на пратеници донесе одлука според која тоа тело ќе го спроведе назначувањето, повикувајќи ги сите партии да ги достават имињата на своите кандидати за главен преговарач до 10 ноември. Партиите кои се противат на ова најавија дека ќе поведат спор пред Уставниот суд на Босна и Херцеговина поради оваа одлука.


							
							
							
