Боки-13: Со оваа здравствена состојба не можам да бидам во затвор
Првообвинетиот во случајот „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски – Боки 13, денеска се појави во Апелациониот суд во Скопје на седницата закажана во врска со предметот за кој Основниот кривичен суд го осуди на девет години затвор.
Јовановски во моментот се брани од слобода, откако Основниот кривичен суд Скопје неодамна донесе одлука за прекин на издржувањето на казна затвор поради неговата лоша здравствена состојба.
Пред Апелациониот суд во Скопје, тој денеска изјави дека му била констатирана „интенстинална метаплазија“ на желудник и дел од тенките црева.
– Со оваа здравствена состојба не бев и не сум во состојба да бидам во затворот каде ја издржував казната на која бев правосилно осуден и поради тоа сум пуштен на домашно лекување односно на прекин на издржување казната затвор. Со себе носам цела терапија за да функционирам, покрај тоа што имам сериозен хигиено-диететски режим кој изискува посебна храна за да функционирам. Имам проблеми од органски карактер, рече Јовановски.
Тој појасни дека нема физички проблем, туку станува збор за органско заболување.
– Јас сум со траен инвалидитет, кој не е од физичка природа или со физички деформитет, туку станува збор за состојба која не може да се промени. Имам сериозна терапија која ја примам, сериозен и строг режим кој морам да го практикувам секој ден. Тоа не значи дека имам проблем со движење, но имам моменти кога морам да мирувам, да се придржувам кон тоа, рече Јовановски.
Судењето за „Меѓународен сојуз“ заврши на 7 април 2022 година. Судечкиот совет при Основниот Кривичен суд – Скопје определи вкупно 14 години затвор за обвинетите и тоа единствена казна затвор во траење од девет години на првообвинетиот Бојан Јовановски за „измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Обвинетата Јасна Ерцеговиќ, исто така, е прогласена виновна за „измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ со што судот на неа ѝ определи единствена казна затвор од четири години во која се смета и времето поминато во куќен притвор.
Судечкиот совет ги ослободи од обвинение за „измама“ обвинетите Фросина Ташевска Ременски и Христина Блажевска, додека Блажевска, се обвинува само за „перење пари и други приноси“ и се осудува на казна затвор во траење од една година.
Судот на обвинетиот Миле Јовановски за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ му утврдува единствена казна затвор од две години која нема да се изврши ако обвинетиот во рок од пет години по правосилноста на пресудата не стори кривично дело.
Правното лице „Меѓународен сојуз“ судот го осуди со казна од еден милион денари.
Во Апелациониот суд во Скопје во тек е јавната седница по однос на жалбите за пресудата на првостепениот суд.