Астрономите открија десетаголна структура во атмосферата на Сатурн
Сатурн, очигледно, крие уште едно изненадување.
Со децении човештвото се обидува да ја одгатне мистеријата на огромниот шестаголник на гасовитиот џин, кој се врти околу неговиот северен пол – атмосферска структура со шест страни каква што не е позната никаде на друго место во Сончевиот Систем.
Сега се чини дека оваа бизарна појава не е изолиран случај – и дека Сатурн можеби има склоност кон создавање многуаголници, а не дека станува збор за еднократен феномен.
Околу јужниот пол на планетата, астрономи предводени од Агустин Санчез-Лавега од Универзитетот на Баскија во Шпанија забележале уште еден огромен многуаголник – а овој има десет страни.
„Ова откритие сугерира дека шестаголникот не е толку необичен како што претходно се мислеше и дека, всушност, условите во атмосферата на Сатурн се такви што полигонални бранови можат да се формираат во двете хемисфери околу поларните региони“, изјави Санчез-Лавега за Саенс алерт.
Највпечатливата и најпозната карактеристика на Сатурн е неговиот величествен систем од ледени прстени, но шестаголникот на северниот пол веројатно е веднаш зад нив.
Тој првпат бил откриен на снимки од сондите Војаџер во 1980 и 1981 година: огромен атмосферски бран со шест страни што се врти околу полот на приближно 78,5 степени географска ширина.
Во децениите што следуваа, и вселенскиот телескоп Хабл и сондата Касини-Хајгенс го снимија чудниот феномен, што укажува дека тој останал стабилен најмалку 44 години.
Станува збор за метеоролошки феномен, но причината поради која има толку правилна полигонална форма и натаму е мистерија. И иако научниците претпоставуваа дека субполарните млазни струи на јужната хемисфера на Сатурн би можеле да создадат слична структура, во повеќекратните потраги не беше откриена ниту една.
Сè до 2024 година, кога полигоналната „молња“ удри по вторпат.
На снимки направени од астрономи аматери околу јужниот пол на планетата се гледала темна, брановидна линија.
Истражувањата во 2025 година го потврдиле тоа. Додека создавале поларни проекции од снимки на Сатурн направени од астрономите Тревор Бери од опсерваторијата Брокен Хил во Австралија и Жан-Пол Оже од Француското астрономско здружение, истражувачите конечно го виделе: десет страни што формираат јасно препознатлив многуаголник околу полот.
Висококвалитетните снимки од вселенскиот телескоп Хабл го потврдиле неговото постоење и му овозможиле на тимот да утврди дека структурата постоела уште во 2023 година.
„Откривањето на бранот навистина беше изненадување, бидејќи ниту претходните снимки на Сатурн направени со вселенскиот телескоп Хабл, ниту оние што ги направи сондата Касини додека кружеше околу планетата меѓу 2004 и 2017 година, не го покажаа“, рече Санчез-Лавега.
Десетаголникот, чиј центар се наоѓа околу 60 степени јужна географска ширина, изгледа дека претставува огромен атмосферски бран што се движи по една од моќните млазни струи на Сатурн насочени кон исток.
Самата млазна струја се движи околу планетата со брзина од приближно 420 километри на час, додека десетаголникот се движи со значително побавно темпо од околу 10 километри на час.
Како и шестаголникот, десетаголникот не изгледа како да е само шара што се протега по видливите врвови на облаците. Набљудувањата на различни бранови должини откриле траги од неговата форма на различни височини и географски широчини, што укажува на огромна, вертикално слоевита структура вградена во атмосферата на Сатурн.
Во основа, станува збор за ист вид феномен како шестаголникот, но – ако се остави настрана разликата во бројот на страните – двата многуаголници не се пресликани појави.
„Покрај разликата во бројот на страните“, објасни Санчез-Лавега, „десетаголникот се наоѓа на географска ширина што е пооддалечена од полот отколку шестаголникот на северната хемисфера и можеби не е толку стабилен.“
Постојат многу прашања околу овие разлики. Зошто десетаголникот се формирал пред само неколку години, за разлика од шестаголникот, кој е стабилен со децении? Зошто се наоѓаат на различни географски широчини?
И зошто јужниот многуаголник има десет страни, додека северниот има шест – број што природата особено го „сака“?
„Тоа може да биде поврзано со разликата во географската ширина, со структурата на ветровите во заднината или можеби дури и со присуството на вител со висок притисок на блиските географски широчини, кој би можел да го поттикнува формирањето на бранот“, изјави Санчез-Лавега за Саенс алерт.
Постои дури и можен „осомничен“.
Непосредно северно од десетаголникот се наоѓа антициклон широк околу 4.000 километри – вител со висок притисок што истражувачите го нарекуваат Црвена Дамка, помала и привремена верзија на познатата бура на Јупитер.
Интересно е што десетаголникот е најизразен во близина на овој вител, а најмалку јасен на спротивната страна на планетата.
Истражувачите спровеле симулации за да утврдат дали оваа бура – или некое друго нарушување – можела да има улога во создавањето на десетаголникот.
Меѓутоа, ниту едно од нивните сценарија не успеало точно да го репродуцира набљудуваниот десетаголник.

И, секако, постои уште еден мал проблем, вели Саенс алерт.
„Хипотезата дека блискиот антициклон на таа географска ширина ја предизвикува осцилацијата е привлечна“, рече Санчез-Лавега. „Истото се случи и со шестаголникот кога беше откриен во 1980 година, но потоа блискиот вител исчезна, а шестаголникот остана.“
Затоа, засега одговорот останува недостижен. Десетаголникот сè уште постои, а набљудувањето на неговите промени во следните месеци и години би можело да открие многу повеќе за начинот на кој се формирал.
Сатурн е наклонет околу својата оска додека кружи околу Сонцето еднаш на секои 29,5 години, поради што планетата има долги годишни времиња, од кои секое трае приближно 7,5 години. Неговата јужна хемисфера сега се движи од пролет кон лето и сè повеќе се наклонува кон Сонцето.
Зголемувањето на сончевото зрачење што стигнува до јужната хемисфера – а со тоа и до десетаголникот – би можело да предизвика интересни промени. А како што јужниот пол сè повеќе се свртува кон нас, астрономите ќе имаат сè подобра позиција од која ќе можат да ги следат тие промени.
„Треба да разбереме како ќе се развива десетаголникот – односно дали во следните години ќе стане нестабилен и ќе се распадне или, напротив, ќе стане постабилен и поцврст со зголемувањето на сончевото зрачење“, рече Санчез-Лавега.
Шестаголникот на Сатурн опстојува најмалку 44 години, а за неговото постоење дознавме дури долго откако веќе бил формиран.
Со десетаголникот, научниците сега имаат можност од прв ред во реално време да набљудуваат како Сатурн ги создава своите многуаголници – и што и да се случи, тоа ќе биде спектакл.
Истражувањето е објавено во научното списание Саенс адвансис.



