Ако има поскапување на струјата ќе биде минимално, уверува ЕСМ
И да има поскапување на струјата по Нова Година, тоа ќе биде минимално. Значително се намалени трошоците за производство на електрична енергија и со помош од државата се намалува продажната цена, уверуваат од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ). Државава очекува помош за покривање на енергетските потреби од Европската унија.
Во меѓувреме, во услови на забрзаниот раст на инфлацијата, Централната банка повторно ја зголеми основната каматна стапка, со цел да делува врз каматната политика на банките и да стимулира штедење во денари.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски вчера изјави дека со направените вложувања во изминатиот период во сопствена опрема и работата на рудниците на ЕСМ, со рационализација и операционализација на трошоците, намалена е производната цена на РЕК „Битола“ на околу 58 до 60 евра за мегават час произведена електрична енергија.
– Сепак цената на електричната енергија што ја нуди ЕСМ не зависи само од РЕК „Битола“, туку и од другите наши капацитети од кои дел работат на мазут. Па затоа колкаво ќе биде поскапувањето на струјата, доколку го има, ќе зависи од цените на берзите на мазутот, но и на природниот гас што ќе биде неопходен ако во системот се вклучи да работи ТЕ-ТО, рече Ковачевски при вчерашната посета на рудникот „Суводол“.
Од новиот коп од рудникот „Суводол“ во моментов се произведуваат и до РЕК „Битола“ се транспортираат околу 15 000 тони јаглен. За секој од блоковите на Комбинатот дневно се потребни по 6000 тони јаглен за производство на електрична енергија, односно околу 18 000 тони доколку би работеле сите три блока. На крајот на неделава, според најавите, ќе заврши ремонтот на Блокот 1 во РЕК „Битола“, а до крајот на месецот се очекува да стигне и трансформаторот за Блокот 3, со што од почетокот на ноември ќе може да бидат ставени во функција трите блока на РЕК „Битола“.
По воведувањето на блок-тарифите има намален конзум на електрична енергија и универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ во своите планови бара помалку од 15 до 17 отсто енергија од АД ЕСМ. Тоа, според Ковачевски, позитивно ќе влијае за намалување на цената на електричната енергија, а дополнително на тоа позитивно ќе влијаат и најавите од Регулаторната комисија за енергетика дека ќе бидат воведени блок-тарифи и за малите потрошувачи со цел и тие да се стимулираат да штедат енергија.
Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, вчера изјави дека се работи на барањата на Северна Македонија и други земји за помош за покривање на енергетските потреби. По најавите дека претседателот на државата Стево Пендаровски побарал од Европската Комисија да и помогне на Северна Македонија да надомести за цената на електрична енергија од Бугарија, еврокомесарот на прес – конференција одговори дека е запознаен со барањето и оти се работи на „поширок пакет за спас“.
– Работиме на поширок пакет за енергетски спас за целиот Балкан и се обидуваме да испорачаме многу брзо, би требало да сме во можност да го презентираме на лидерите во ноември на самитот на Берлинскиот процес, каде разгледуваме начини да им помогнеме да одговорат на итните краткорочни и среднорочни потреби, да создадеме алтернативни набавки на гас или струја, како да помогнеме за интерконекторите за гас или струја, изјави Вархеји.
На неформалниот министерски состанок на министрите за енергија на Европската унија што се одржа вчера во Прага, на кој учествуваше и министерот Крешник Бектеши, беше претставен патоказот за понатамошните активности за справување со високите цени на енергијата, како и можностите за обезбедување на природен гас по достапни цени за потрошувачите во Европа.
Бектеши истакна дека Западен Балкан треба да биде вклучен во предлог мерките на Унијата. Очекуваме, посочи министерот поддршка од ЕУ, затоа што Северна Македонија е дел од Европа и само заедно можеме да ја надминеме оваа криза.
– На состанокот со министрите за енергетика на ЕУ разговаравме за тоа Западниот Балкан да биде вклучен во нивните предлог мерки кои најверојатно би требало да бидат усвоени во наредниот период. Ние како Северна Македонија го кажавме нашиот став во тоа што очекуваме како поддршка од страна на ЕУ со конкретни мерки, а кои ќе бидат таргетирани само за земјите од Западен Балкан, бидејќи како што наведовме и на состанокот, ние се чувствуваме како дел на европскиот континент и само заеднички ќе можеме што подобро да се справуваме со енергетската криза, рече министерот Бектеши.
Мерките што ги предлага Европската комисија, а кои треба да се донесат следниот месец, предвидуваат земјите членки да изберат соодветни чекори со што ќе обезбедат намалување на вкупната потрошувачка на електрична енергија за 10 отсто до крајот на март 2023 година, односно задолжително намалување на потрошувачката за најмалку пет проценти во часовите на шпиц во периодот помеѓу 1 декември 2022 година и 31 март 2023 година.
Меѓу мерките за справување со енергетската криза е и ограничување на приходите за производителите на електрична енергија и распределба на вишокот приходи. Таа мерка би се применувала за производители на електрична енергија од обновливи извори, нуклеарки и централи на лигнит, тресет и мазут. Пазарните приходи се ограничени на 180 евра за мегават час, а остварените вишок приходи би се користеле за ублажување на влијанието на високите цени врз крајните потрошувачи.
Како една од мерките што ја предлага Европската комисија е и солидарен придонес од бизнисите со фосилни горива, кој би се применувал за компании што се занимаваат со производство или трговија со јаглен, природен гас, сурова нафта и нафтени производи, вклучувајќи и рафинерии. Собраните средства би се користеле за поддршка на семејствата и бизнисите за да се ублажи ефектот од високите цени на енергијата.
Нагорните движења на инфлацијата, која во минатиот месец повторно забрза, исклучиво поради прехранбената и енергетската компонентна, беа причина централната банка во државава вчера повторно да ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,5 процентни поени на ниво од 3,5 проценти.
– Се очекува дека со зголемувањето на основната каматна стапка, заедно со направените промени во стапките на издвојување задолжителна резерва коишто се поповолни во однос на домашната валута, и понатаму ќе се делува врз каматната политика на банките и ќе се стимулира штедењето во денари, информираше Народната банка.
Домашната инфлација и понатаму во најголем дел е определена од надворешните фактори, односно од порастот на увозните цени на храната и енергентите, вклучително и на домашната цена на електрична и топлинска енергија, коишто се под влијание на случувањата на глобалниот пазар на енергија.
– Од тие причини, околу 80 проценти од годишната стапка на инфлацијата во септември, односно 75 проценти од инфлацијата во првите девет месеци од годината, се должат на растот на цените на прехранбените производи и на енергијата. Со оглед на подолготрајните притисоци од овие цени под влијание на непредвидливи надворешни фактори и нивните преносни ефекти врз цените и на останатите производи и услуги, се подгреваат и инфлациските очекувања на економските субјекти. Поради тоа, потребно е водење претпазливи домашни политики заради внимателно управување со побарувачката. Иако кај цените на храната веќе се видливи поизразени надолни приспособувања на светските берзи, сепак нагорните притисоци од цените на електричната енергија го отежнуваат, односно го забавуваат пренесувањето на овие трендови кај цените на храната на домашниот пазар, појаснуваат од НБ.
Во вториот квартал од годинава во државава е остварен реален раст на бруто домашниот производ од 2,8 проценти на годишна основа, колку што изнесуваше и очекуваната стапка на раст според последните проекции на Народната банка. Збирно, за првото полугодие остварувањата се малку подобри од проекциите на Народната банка. Сепак, расположливите високофреквентни податоци за домашната економска активност во третиот квартал, како што сооопшти НБ, упатуваат на забавување на реалниот економски раст, што заедно со надолните ревизии на странската побарувачка поради ефектите од воениот конфликт во Украина и сè поголемата енергетска криза,ги нагласуваат надолните ризици за растот во следниот период.
По објавата на антикризните мерки на Владата, вчера за нив расправаше Економско-социјалниот совет, а на дневен ред било и барањето за надминување на последиците предизвикани од високите сметки за електрична енергија во компаниите.
-На седницата на ЕСС, освен членовите на ЕСС учествуваа и претставници на нерепрезентативните синдикати и бизнис конфедерацијата на Македонија. Покрај редовните точки од дневниот ред, во фокусот на седницата беа антикризните мерки на Владата, како и предлог мерките од страна на социјалните партнери, кои понатаму по нивно допрецизирање, по заклучок на ЕСС ќе бидат доставени на разгледување од страна на Владата, информираше по седницата Министерството за труд и социјална политика.
Со новиот сет мерки во вредност од 350 милиони евра што го претстави Владата минатиот викенд, се предвидува финансиска помош за најранливите категории граѓани и за пензионерите, По 3.000 денари месечно во наредните четири месеци, или вкупно 12.000 денари, ќе примаат 42 000 граѓани од ранливи категории. Тука спаѓаат лица кои користат право на социјална сигурност, лица кои го користат правото за попреченост, родители на децата со попреченост до 26-годишна возраст кои користат право на посебен додаток, лицата со попреченост кои користат право за помош и нега од друго лице, лицата со потешки трајни промени во здравствената состојба, самохрани родители корисници на гарантирана минимална плата и невработени лица. За оваа мерка вкупно се издвоени над 8 милиони евра, рече Ковачевски. Директна финансиска поддршка ќе има и за пензионерите приматели на најниски пензии: над 91 600 пензионери кои примаат до 11.525 пензија ќе бидат помогнати со по 1.500 денари месечно односно вкупно 6.000 денари за четири месеци. Помош од вкупно 3.000 денари се обезбедени за пензионерите кои земаат пензија од 11.525 до 14.000 денари, односно над 66.000 пензионери. За таа мерка, се издвоени над 12,2 милиони евра. Пензионерите може да ја очекуваат најновата владина поддршка од идниот месец доколку Собранието ги изгласа потребните законски измени.
На владината седница беа усвоени и мерки за поддршка на приватниот сектор, коишто ги таргетираат микро, малите и средни компании. Со нив се проширува опсегот на компании корисници на кредитно – гарантната шема, од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање. Се обезбедува директна кредитна линија за поддршка на ликвидноста на микро, мали и средни трговски друштва, согласно тековната состојба, како и трговци поединци: занаетчии (кои плаќаат давачки на реален приход). Исто така, забрзан и зголемен поврат на ДДВ, како и обезбедување поволна консултантска поддршка за изработка на проекти / студии за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, со цел полесен пристап до капитал. Ќе продолжи и Mерката 25 преку Развојната банка на Северна Македонија и комерцијалните банки, односно овозможување кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.