Австрискиот канцелар поднесе оставка, пропаднаа преговорите за влада
Австрискиот канцелар Карл Нехамер во саботата изјави дека ќе поднесе оставка во наредните денови, откако преговорите за формирање нова влада пропаднаа по втор пат.
Најавата дојде откако Народната партија и Социјалдемократите ги продолжија коалициските разговори еден ден откако либералната партија Неос ненадејно се повлече од разговорите.
-Се обидувавме до овој момент. Договор за клучните точки не е можен, така што нема смисла за позитивната иднина на Австрија – изјави Нехамер од конзервативната Народна партија, а пренесува австриски ОРФ.
Неос, заедно со конзервативната Австриска народна партија (ÖVP) на австрискиот канцелар Карл Нехамер и централно-левичарските Социјалдемократи (SPÖ), се обидуваа да формираат трипартиска владина коалиција откако десничарската Партија на слободата победи на националните избори во септември.
Водачот на Неос, Беате Мајнл-Рајзингер рече дека напредокот е невозможен и дека „фундаменталните реформи“ не се договорени. Таа ги информирала останатите партиски лидери дека Неосовци „нема да ги продолжат“ разговорите.
Разговорите се одолговлекуваа откако сите други партии одбија да соработуваат со лидерот на Партијата на слободата (FPÖ), Херберт Кикл, кој беше прв со 29,2% од гласовите, принудувајќи ги ÖVP и SPÖ да се обидат да ангажираат помала партија за да го зајакнат своето мнозинство.
Новите избори се сега следниот чекор. Десничарската ФПО веднаш ја поздрави таквата можност, бидејќи анкетите покажуваат дека нивната поддршка само порасна по изборите. Во истражувањето нарачано од весникот Der Standard, FPÖ ја зголеми својата поддршка на 35% од гласовите според потенцијалните гласачи во декември, пишува Euronews.