Дали и ова е по НАТО стандарди? АРМ и МО ќе платат 3 милиони евра за струја по цени од берзата ХУПЕКС!
Цените на берзата се менуваат на дневна основа и во целост зависат од понудата и побарувачката за денот за кој се однесува испораката. Разликата меѓу тргување на берза за струја и формите на купопродажба „очи во очи“ е таа што берзата гарантира дека купецот ќе ја добие струјата, а продавачот (без разлика дали е производител или трговец) ќе ги добие парите по утврдената цена. Македонија е последната земја во нашиот регион која нема берза за електрична енергија. Заради тоа што државниот производител ЕСМ е во очајна состојба многу институции, министерства, јавни претпријатија, болници и школи нема шанси да добијат домашна струја која е поевтина од струјата што се продава на берза
Министерството за одбрана потпиша договор за набавка на струја за 3 милиони евра ,а снабдувач ќе биде грчката компанија ЕДС (Електрисити деливери солушнс). Струјата наменета за три гарнизони на АРМ од Штип, Скопје и Кичево како и за потребите на регионалните центри за одбрана и за потребите на секторот за недвижности на Министерството за одбрана.
Процедурата за набавка е таа што по последно време е најчесто применувана. Просечна месечна цена на струјата на берзата во Будимпешта (н.з. ХУПЕКС) и додаток од 18 % во вид на трговска маржа за услугата на ЕДС.
Договорот за набавка на електрична енергија е во времетраење од 12 месеци и двете страни го склучија на 8 март годинава. Договорот започнува да важи од 1 април годинава. Во случај цените на струјата да останат високи како што се сега, а потрошувачката на МО и на АРМ да биде висока договорот може да престане да важи и порано од една година доколку се потрошат сите пари планирани за набавка на струја.
Во последниот месец заради воената состојба во Украина зголемени се цените на сите енергенси, а не беше исклучок ниту цената на струјата. За првите 25 дена од март просечната базна цена на мегават час струја на берзата ХУПЕКС изнесува 264 евра и тоа е за над 40% повеќе од просечната цена за еден мегаватчас базна енергија во февруари.
Доколку продолжат воените дејствија и во април постои веројатност дека цената на еден мегаватчас електрична енергија ќе остане да се тргува по цена од околу 250 евра.
По зголемената волатилност со цените на природниот гас во Европа уште од декември лани и пропаста на некои снабдувачи на нашиот пазар се случи драстична промена. Снабдувачите со цел да се заштитат од волатилноста на цените решија струјата да ја продаваат по цена од ХУПЕКС на која додаваат трговска маржа со која ги покриваат своите трошоци за набавка и пренос на струјата. Најголем дел од договорите кои се на сила кај буџетските корисници кои купуваат на јавни тендери (ги има околу стотина правни лица од јануари до сега) и уште околу 500 приватни фирми (по наши неофицијални сознанија) купуваат струја од снабдувачите по цени кои се формираат на ХУПЕКС.
Кризата во снабдувањето со струја во Македонија не е увезена како што некој сака тоа да го прикаже. Во декември лани беше донесена одлука домашниот државен производител ЕСМ целата своја енергија да ја дава за потребите на домаќинствата и за мали и микро стопански субјекти. Цената за нив беше зголемена 10%, а на секој произведен мегаватчас ЕСМ има загуба од 20 евра (диспаритет меѓу производната и продажната цена).
Кризата во снабдувањето со струја не е увозна затоа што ЕСМ не може да стави во функција барем 40 отсто од својот инсталиран термокапацитет за производство на електрична енергија пред се заради недостиг од јаглен.