Мтел, членка на Телеком Србија групација нов генерален спонзор на КК Работнички Скопје
Со свечено потпишување на договор за спонзорство Мтел, членка на групацијата Телеком Србија, од денеска стана генерален спонзор на КК Работнички Скопје, најтрофејниот клуб во македонската кошаркарска историја.
Договорот за спонзорство, кој ќе обезбеди поддршка за клубот во следните четири години, го потпишаа извршниот директор на Мтел, г-динот Марко Лопичиќ и извршниот директор на КК Работнички Скопје во присуство на генералниот директор на Телеком Србија, г-динот Владимир Лучиќ, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г-динот Димитар Ковачевски, градоначалникот на општина Центар, г-динот Горан Герасимовски, новинари и бројни гости.
Генералниот директор на Телеком Србија, на настанот изрази особено задоволство од потпишувањето на договорот и соработката меѓу Мтел и КК Работнички Скопје.
„Денешното потпишано спонзорство, како и сите други планови и инвестиции кои ги имаме во Македонија, се најдобар доказ за нашата стратешка посветеност на овој пазар и сигурен знак дека сите наши соработка и идни корисници, како и Владата на Република Северна Македонија, во нас имаат сигурен партнер“, истакна во своето обраќање генералниот директор на Телеком Србија.
За извршниот директор на Мтел потпишувањето на договорот со КК Работнички Скопје е продолжување на традицијата за поддршка на спортот која што ја негуваат сите членки на Телеком групацијата.
„Како што веројатно знаете и сами Телеком Србија во Србија, како и нашите компании во Босна и Херцеговина и Црна Гора, од своето основање го поддржуваат спортот и на аматерско и на професионално ниво, поради тоа решивме таа позитивна деловна пракса да ја пренесеме и во Македонија. Се надевам дека ова спонзорство ќе овозможи на кошаркарите и стручниот штаб на Работнички да работат и да се натпреваруваат во уште подобри услови и дека резултатите во сезоната која што е пред нас ќе бидат уште подобри“, нагласи извршниот директор на Мтел, г-динот Лопичиќ.
Извршниот директор на КК Работнички Скопје, г-динот Горан Веселиновски упати голема благодарност до раководството на Телеком Србија и Мтел за поддршката.
„Упатувам благодарност и до Владимир Лучиќ, генералниот директор на Телеком Србија, кои ја препознаа нашата иницијатива и се одлучија да нѐ поддржат на патот кон новите победи. Ние како спортисти и спортски работници можеме само да ја продолжиме борбата на спортскиот терен и да ја оправдаме довербата која што ни ја дадовте“, истакна извршниот директор на КК Работнички Скопје, Веселиновски.
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски во своето обраќање по повод потпишување на Договорот истакна дека во ова време кога како општество во фокусот ни е одржување на животниот стандард, секако од не помала важност е да продолжиме да инвестираме и во активностите кои на сите нам и во најтешките времиња може да ни донесат моменти на радости и гордост како граѓани, како љубители на спортот, но и како држава.
„Денес целата спортска јавност треба да ја поздрави деловната одлука на МТЕЛ да стане генерален спонзор на еден од најтрофејните македонски спортски клубови. Во услови на европска енергетска криза, со најтешки економски последици после Втората Светска војна, демонстрирање на вака висок степен на општествена одговорност е чин кој несомнено треба да се поздрави. Како Влада и понатаму ќе продолжиме активно да создаваме услови компаниите да продолжат со донации и спонзорства да го поддржуваат спортот“, истакна премиерот Ковачевски.
Свое обраќање имаше и градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски кој пак нагласи дека Договорот претставува ново поглавје за клубот, ново партнерство меѓу најтрофејниот клуб и најголем бренд на Центар и една од најуспешните компании во регионот, Мтел.
„Моја заложба како градоначалник, но и како центарец, е повторно да го вратиме клубот на старите победнички патеки. Ова е нов почеток и нова приказна за Општина Центар и Работнички“, рече градоначалникот Герасимовски.
Со потпишувањето на Договорот за спонзорство Мтел станува генерален спонзор на КК Работнички Скопје и главен поддржувач на клубот за остварување на амбициите како во националните натпреварувања, така и во регионалните и европски лиги.