Актуелно

НИСКИ ПЛАТИ И ТРНЛИВ ПАТ ДО ВРАБОТУВАЊЕ: Ова ги одвраќа младите да студираат македонски јазик 

Само љубовта кон професијата не е доволна, туку мора да се мисли и за можностите за вработување по дипломирањето. Ова е ставот на повеќето луѓето кои дипломирале македонски јазик и книжевност. Објаснуваат дека професијата не носи високи приходи, но и шансите да влезат во образование се мали. 

„Со години се зборува дека малку луѓе се запишуваат на македонски јазик и книжевност, но слично е со другите предмети, и генерално младите не сакаат да работат во образование. Професијата наставник е деградирана, а платите не се големи. Имаме стандардизиран јазик, кој треба да се негува. Еден млад човек кога студира, му кажуваат дека лектор треба да има во сите институции, во многу фирми, медиуми, но во пракса тоа не функционира баш така. Дури и ако почне да работи како лектор, треба време додека да си создаде име и да го бараат. Младите бираат струки кои се поперспективни“, вели Дијана, дипломирана на македонски јазик и книжевност.

Доколку положат испит и се стекнат со право да работат како лектори, треба време додека да си создадат контакти и да се пробијат. 

„Јас сум вработена во  друг сектор, и познавањето на јазикот многу ми помага при пишување на соопштенија, но многу филолози работат надвор од својата струка. Работа како лектор, дури и да ја има, таа не е константна, може одреден период да има ангажмани, а потоа да нема, и тоа не е сигурна опција. Инаку, младите за семинарски, магистерски обично бараат лектор, но таа работа не е лесна“, објаснува Елена, лектор. 

Велат дека општо проблем во земјава е тоа што на прсти се бројат струките со кои младите би имале добри приходи, и сигурна работа, а сите други се оставени сами на себе, како ќе се снајдат. Не треба да се заборави и фактот дека партизираноста е навлезена и во образовнието, и без партиска книшка тешко се доаѓа до посакуваното вработување. Друг проблем е иселувањето, од кое ќе страдаат многу струки, и ќе нема кадар. 

Деновиве во јавноста сите ги коментираат податоците од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје по првиот уписен рок за студенти за учебната 2022/23 година. На насоките „Македонски јазик“и „Македонска книжевност и јужнословенски книжевности“, заедно со вонредни студенти, се запишале вкупно 16 –осум на „Македонски јазик“ и седум на „Македонска книжевност и јужнословенски книжевности“ и еден вонреден студент на отсекот за книжевност. Година претходно имало запишано 20 студенти. Изминативе години во медиумите имаше и форумулации дека со ова македонскиот јазик е пред голем пораз.

faktor.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons