Се исплати ли работењето на ТЕЦ Неготино во енергетска криза?
ТЕЦ Неготино потрошил мазут од безмалку 5 милиони евра за неполн месец откако започна повторно со работа во екот на енергетската криза од 18 декември лани, но не постои пресметка колкава е исплатливоста од рестартирањето на термоелектраната за краткиот период на крајот од 2021. Ниту во независниот ревизорски, ниту во годишниот извештај за работа за минатата година, не е забележано колкаво количество на електрична енергија е произведено и по која цена.
Единствено е запишано дека капацитетот има годишен приход од 8 милиони евра од основна дејност. ТЕЦ Неготино започна со работа со еден котел од двата инсталирани, а тогаш беше објавено дека за почеток на работата на термоелектраната биле обезбедени 38 илјади тони мазут, преку јавен оглас на АД ЕСМ.
За 200 вработени биле исплатени 2 милиони евра за плати. На крајот на минатата година ТЕЦ Неготино имал нешто помалку од 2 милиони евра неизмирени обврски кон РКМ, компанијата на поранешниот политичар Ратко Капушевски, за набавка на мазут. Евидентирано е и ненаплатено побарување од 1,6 милиони евра од АД ЕСМ
Стопанството побара под итно да се набави мазут за ТЕЦ Неготино и овој капацитет да се стави во функција. Од ЕСМ рекоа дека се уште течат испораките за 150 илјади тони мазут кој треба да го донесе фирмата РКМ која за тоа ќе инкасира 89 милиони евра. Дел од количините се пристигнати, дел ќе бидат до ноември.
Идејата лани беше откако ТЕЦ „Неготино“ ќе започне со производство на електрична енергија за ЕСМ, парите што ќе се наплатат од продажба на оваа електрична енергија да бидат искористени од страна на ЕСМ за набавка на уште мазут за понатамошно производство.
ТЕЦ „Неготино“ како државна електрана, имаше статус на ,,ладна резерва” во електро-енергетскиот систем и од страна на вработените се одржуваше во состојба на готовност за вклучување во погон.
ТЕЦ „Неготино“ се вклучи во услови на глобална енергетска криза и енормен раст на цената на електричната енергија. Досега производната цена на оваа термоцентрала беше висока, но сега треба да е пониска во споредба со увозот на енормно високата цена на струјата што би се набавувала на меѓународните берзи.
Моќноста на ТЕЦ „Неготино“ е околу 180 мегавати, односно речиси колку еден блок на РЕК „Битола“. Доколку ТЕЦ „Неготино“ работи со еден котел цената за производство на струја требаше да изнесува околу 175 eвра/мегават-час, додека ако работи со два котла да изнесува околу 150 eвра/мегават-час. Цената на струјата што се продаваше на меѓународните берзи се искачи на над 300 евра за мегават-час електрична енергија.
Термоелектраната „Неготино“ е изградена во 1978 година, а последен пат претходно работела во производството на електрична енергија во 2009 година.