Бислимоски: Соочени со високи цени на берзите, компаниите започнаа да инвестираат во обновливи извори
За период од осум месеци Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) има издадено лиценци за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали со инсталирана моќност од 50 мегавати, доколку се продолжи со ова темпо на инвестирање, стопанството за нешто повеќе од една година ќе успее да изгради централи со инсталирана моќност како ХЕЦ Козјак – истакна Марко Бислимоски, претседател на РКЕ на петтото издание на МЕФ Енергетскиот форум.
– Компаниите соочени со високи цени на берзите, станаа проактивни и започнаа да инвестираат во обновливи извори на енергија, особено во фотоволтаични електроцентрали . Само за период од осум месеци РКЕ има издадено лиценци за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали со вкупна инсталирана моќност од 50 мегавати. Доколку се продолжи со ова темпо на инвестирање ќе имаме 80 до 90 мегавати до крајот на годинава. За нешто повеќе од една година се успеа да се изградат централи со инсталирана моќност како ХЕЦ Козјак – изјави Бислимоски, претседател на РКЕ
Бислимоски посочи дека мора да се продолжи да се инвестира во енергетски капацитети, затоа што со инвестирањето се зголемува енергетската независноста на секоја држава.
– Енергетската криза им покажа на сите земји дека мора да се забрзаат инвестициите во енергетскиот сектор посебно во обновливите извори. Паралелно неопходно е да се реализираат и инвестиции кои ќе обезбедат базна енергија. Станува збор за инвестиции во когенеративни постројки. Поради зголемениот интерес но и можностите кои се нудат, сигурен сум дека во нашиот регион ќе имаме удвојување на вкупниот инсталиран капацитет од овој што е сега и тоа ќе биде исклучиво во обновливи извори на енергија. Оваа криза ќе ни биде поука дека само инвестициите се решение за надминување на енергетската несигурност – изјави Бислимоски, претседател на РКЕ.