Протестот на ССМ денеска продолжи пред МИОА
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска протестните активности ги продолжи пред Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) од каде што претседателството на ССМ побара исполнување на ветеното линеарно зголемување на платите за 2.806 денари до 1 јули односно вкупно 30 милиони денари со ребаланс на Буџетот.
-МИОА беше дел од тимот што преговараше за тие 2.806 денари линеарно зголемување на платите на сите работници и враќање на регресот во јавниот сектор од 30 до 100 проценти за сите работници. Затоа денеска го повикуваме министерот за информатичко општество, кој е дел и беше дел од тој преговарачки тим, доколку навистина се стремат за нова методологија, за реформи во администрацијата, за нов закон за плати за административните работници, нека повели, ние сме пред неговото министерство, нека ни достави ако има искрени намери и не се купува време. Доколку не, жешкото столче го чека, денеска е министер, утре ќе стане обичен работник како нас. Апелирам и до централната и до локалната власт – да излезат, да им ги зголемат платите на сите работници во ова тешко време со двоцифрена инфлација и секаков вид кризи, изјави лидерот на ССМ Дарко Димовски.
Штрајкот ќе го продолжат и во наредните денови и, рече, ќе бидат пред вратите на министерствата кои имаат надлежности за платите, како и во локалните самоуправи и за утре најави посета на Гостивар и Струмица.
Со гостиварскиот градоначалник утре напладне ССМ ќе потпише колективен договор за усогласување на платите за 2.806 денари, како и со јавното комунално претпријатие во таа општина, а во 15.30 часот утре во Струмица ќе потпишат спогодба за зголемување на платите и со трите јавни комунални претпријатија и колективен договор со струмичкиот градоначалник. Со потпишување на тие договори, рече Димовски, од 1 јули ќе им бидат зголемени платите за 2.806 денари на повеќе од 1300 работници во двете општини.
-Штрајковите вродуваат со плод, но, за жал, само на локално ниво и во претпријатијата основани од општините. Апелирам власта да го следи примерот, да не се крие, зашто во моментов ништо не се прави за работникот, освен што се уназади едно работничко право и неделата неработен ден во туристичките места стана работен ден за работниците, додаде Димовски.
За вчерашниот протест пред МТСП посочи дека министерката Јованка Тренчевска била поинаква од другите министри и, како што рече, „се одважила да излезе и застанала рамо до рамо” со нив, но без понудено решение.
-Очигледно треба повеќе да одлучуваат бидејќи се работи за целиот јавен сектор кој покрива повеќе од 130 илјади вработени, но е позитивно од нејзина страна што излезе со нас рамо до рамо. Барањата се тие, немаме отстапки, го слушаме гласот на работникот кој вели 2.806 денари до 1 јули. Нека мислат што прават, имаат време уште два дена, а потоа 18,4 проценти од септември со Законот за минимална плата. Нека пресметаат колку ќе ги чини плус тоа кога не сакаат да ги дадат ни овие 30 милиони кои сега ги бараме со ребаланс на Буџетот. Битката ја биеме и со амандман задутре на Комисијата за финансирање и буџет и исто така ќе излеземе во поголем број пред Собранието, истакна лидерот на ССМ.