ССМ: Штрајкот дава резултати, на локално ниво платите растат
ССМ: Штрајкот дава резултати, на локално ниво платите растат
Во првите три дена од генералниот штрајк во цел јавен сектор платите на огромен број на работници во јавниот сектор кои работат во Градот Скопје, општините или во јавните претпријатија основани од Градот Скопје или општините веќе се усогласени за 2 806 денари согласно растот на минималната плата.
За усогласувањето од 2806 денари на платите на вработените во јавниот сектор разбирање имаат локалните власти и градоначалниците заедно со директорите на јавните претпријатија кои ја разбраа потребата да му се помогне на работникот во овие тешки времиња.
Градоначалниците на Град Скопје, Данела Арсовска, на Општина Тетово, Билал Касами и Општина Битола, Тони Коњановски веќе го прифатија главното барање на штрајкувачите за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2806 денари во нето износ согласно зголемувањето на минималната плата и ги зголемуваат платите на вработените.
Дополнително ССМ и синдикатите здружени во ССМ со успех ги завршија преговорите во ЈСП – Скопје, ЈП Комунална Хигиена – Скопје, ЈП Водовод и канализација – Скопје, ЈП депонија Дрисла – Скопје, ЈКП Водовод -Битола, КЈП Нискоградба – Битола, ЈП Комуналец – Битола, ЈП Пазари – Битола, ЈП Комуна – Крушево, ЈКП Комуналец – Прилеп, ЈП Чистота и зеленило – Куманово, ЈКП Тетово – Тетово, ЈП Водовод и канализација – Струга, ЈП Комуналец – Неготино, ЈП за изградба и одржување на јавен простор за паркирање и уредување и организирање на јавен локален превоз на патници во Општина Битола-ЈППЈЛП Битола, ЈПКР Услуга – Берово, ЈПКД Маврово – Маврови Анови, ЈП Комунален сервис – Валандово, ЈПКД Комуналец-Полин Стар Дојран и др.
Се преговара и се очекува на почетокот на наредната недела да се потпишат спогодби во: ЈП Паркови и Зеленило Скопје, ЈП Паркинзи Струмица, ЈП Погребални услуги Св.Николе, ЈП Струмица Гас Струмица, ЈП Комуналец Св.Николе и др.
Важно да се нагласи е дека и покрај тоа што нашите колеги го исполнија главното барање, тие солидарно штрајкуваат и даваат поддршка на останатите штрајкувачи се до исполнување на барањата на Генералниот штрајк.
Генералниот штрајк, ССМ го организира за заштита на економските и социјалните права и остварување на следните барања од работен однос:
-склучување на Општ колективен договор за јавен сектор со утврдено зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2806 денари во нето износ согласно зголемувањето на минималната плата објавена во Сл. Весник на РСМ бр. 41 од 24 февруари 2022 година и утврдено право на регрес за годишен одмор во висина од 30% до 100% од основицата.
За жал од страна на владините претставници ниту од владеачкото мнозинство во парламентот нема сигнали дека ги прифаќаат барањата на штрајкувачите иако им се случува генерален штрајк во цел јавен сектор за прв пат по 20 години.
Некој штрајкува, некој навива!