Актуелно

Македонија скокна 16 места на светската листа за дигитализација: Најавени нови услуги од МВР и ФЗО

Македонија бележи значителен напредок во дигитализацијата на јавните услуги и се искачи на 68. место во светот според Индексот за развој на е-влада на Обединетите нации за 2026 година. Тоа е скок од 16 позиции во споредба со 2024 година, кога земјата беше рангирана на 84. место, соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Според него, ова е најдобриот пласман на државата од 2010 година и втор најдобар резултат во сите мерења на ОН од 2003 година.

Индексот на Македонија пораснал од околу 70 на 78 поени, што, како што истакна Андоновски, претставува најголем раст во регионот во периодот од 2024 до 2026 година. Со тоа, земјата за првпат влегува во групата држави со многу високо ниво на развој на електронското управување.

Министерот посочи дека напредок е забележан кај сите главни компоненти на индексот, а најголем кај човечкиот капитал, каде оценката се зголемила од 0,70 на 0,79. Подобрени се и резултатите поврзани со електронското учество на граѓаните, кое од 57 проценти во 2024 година достигнало 65 проценти годинава.

Андоновски информираше дека на националниот портал uslugi.gov.mk во моментов се достапни 350 услуги, од кои дел се целосно електронски, а дел имаат информативен карактер.

Во следниот период се очекува порталот да биде дополнет со десетина услуги од Министерството за внатрешни работи и околу 30 услуги од Фондот за здравствено осигурување. Целта е значителен дел од нив да бидат дигитализирани до крајот на годината.

За следната година е најавена и можност граѓаните преку онлајн-форма на порталот да предлагаат кои административни услуги сакаат да ги користат по електронски пат.

Паралелно, Министерството ќе продолжи со проектите за унапредување на дигиталните вештини во основните училишта. Предвидена е и теренска кампања за повозрасните граѓани, со едукативни средби во пензионерските клубови низ државата, во соработка со Министерството за социјална политика. Обуките ќе опфаќаат користење електронски услуги, дигитално банкарство и социјални мрежи.

За следното мерење на Обединетите нации во 2028 година, Андоновски очекува Македонија да напредува за дополнителни 20 до 30 позиции, преку подобрување на дигиталната инфраструктура, поврзаноста, вештините на граѓаните и достапноста на електронските услуги.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons