Полицијата ги засили контролите на автобуси и камиони, под лупа и училишниот превоз
Сообраќајната полиција до 22 ноември спроведува засилени контроли на автобуси и товарни возила. Акцијата почна на 16 ноември и е дел од меѓународната акција „Truck & Bus“ на Европската мрежа на сообраќајни полиции (ROADPOL).
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, полицијата проверува дали возилата се технички исправни и дали ја имаат потребната безбедносна опрема. Посебно внимание се посветува на тоа дали превозниците ги исполнуваат законските услови за организиран превоз на деца, вклучително и за училишни екскурзии и други образовни и рекреативни патувања. Се проверува и дали возачите се во состојба безбедно да управуваат со возилата.
Паралелно се контролираат и другите учесници во сообраќајот. Проверките се насочени кон пречекорување на дозволената брзина, возење под дејство на алкохол или психотропни супстанции, некористење сигурносен појас и неправилен превоз на патници.
Од МВР апелираат до возачите и превозниците да ги почитуваат прописите и да се грижат за исправноста на возилата. Целта на акцијата е навреме да се откријат и санкционираат прекршоците и да се спречат сообраќајни незгоди.



