Речиси секој десетти студент во Македонија е странец, над европскиот просек сме
Речиси 10 проценти од студентите во Македонија се странски државјани, покажуваат најновите податоци на Европската статистичка служба (Евростат) за 2024 година. Од вкупно 58.334 студенти запишани на високообразовните институции во земјава, 5.807 доаѓаат од странство.
Со тоа Македонија има поголем удел на странски студенти од просекот на Европската Унија, каде што тие сочинуваат 8,7 проценти од вкупната студентска популација.
Во 2024 година на универзитетите во земјите членки на ЕУ студирале околу 1,65 милион странски студенти. Од нив, 514.590 биле државјани на други земји членки на Унијата, додека околу 1,14 милион доаѓале од држави надвор од европското семејство.
Европските универзитети привлекуваат сè поголем број студенти од странство. Од 2016 година, кога Евростат почнал да ги собира овие податоци и кога биле регистрирани околу 1,2 милион странски студенти, бројката бележи континуиран раст.
Во 2023 година нивниот број надминал 1,5 милион, а во периодот од 2023 до 2024 година дополнително се зголемил за четири проценти.
Германија, Франција и Холандија привлекуваат најмногу странски студенти
Германија е најпопуларната дестинација за студентите од странство во Европската Унија, со 438.260 запишани студенти. На второто место е Франција со 284.865, а на третото Холандија со 176.470 странски студенти.
Овие три земји заедно привлекуваат 54,5 проценти од сите странски студенти во ЕУ.
Кога станува збор за уделот на странците во вкупната студентска популација, убедливо води Луксембург, каде што повеќе од половина од студентите, односно 51,5 проценти, доаѓаат од други земји.
Следуваат Малта со 35,6 проценти, Кипар со 21,6 и Австрија со 20,8 проценти.
На спротивниот крај се Грција, каде што странските студенти сочинуваат 2,6 проценти од вкупниот број, Хрватска со 3,5 и Шпанија со 4,6 проценти.
Европската Унија ја смета студентската мобилност за еден од клучните приоритети во својата образовна политика. Во рамките на Европскиот образовен простор, целта е до 2030 година најмалку 23 проценти од дипломираните студенти да имаат искуство со студирање или учење во странство.
Дополнително, Унијата има за цел секоја година да привлекува најмалку 350.000 студенти од земји надвор од ЕУ.



