Само една компанија од Македонија меѓу 100-те најголеми во регионот
Само една компанија од Македонија се најде на листата на 100-те најголеми компании во Југоисточна Европа, според најновото рангирање SEE TOP 100 на регионалниот економски медиум SeeNews. Станува збор за „Џонсон Мети“, која со приходи од над 1,8 милијарди евра го зазема 42. место меѓу најголемите компании во регионот.
Според извештајот, „Џонсон Мети“ во 2025 година остварила вкупни приходи од 1,82 милијарди евра, додека во 2024 година тие изнесувале 1,92 милијарди евра. Компанијата во претходното рангирање се наоѓала на 32. позиција. Истовремено, нејзината нето-добивка пораснала од 63,3 на 73,2 милиони евра, односно за околу 15,6 отсто.
„Џонсон Мети“ е убедливо најголемата компанија во Македонија според остварените приходи, а тоа го покажува и посебната национална листа објавена во извештајот. На второто место се наоѓа „Окта“ со 628,4 милиони евра, додека третопласиран е „Макпетрол“ со приходи од 508,9 милиони евра.
Меѓу петте најголеми компании во земјава се и „ЕВН Хоме“, која остварила приходи од 427,4 милиони евра, како и „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) со 359,6 милиони евра. На следните позиции се „КАМ“ со 334,5 милиони евра, „Кромберг и Шуберт“ со 322,3 милиони евра и „Кипер маркет“ со 257,1 милиони евра.
Разликата меѓу првопласираната компанија и останатите е значителна. Приходите на „Џонсон Мети“ се речиси трипати повисоки од оние на „Окта“, а компанијата остварува поголем промет од второрангираната и третопласираната заедно.
На регионално ниво, најголема компанија е романската „ОМВ Петром“ со приходи од 7,06 милијарди евра, по која следуваат автомобилскиот производител „Дачија“ со 5,92 милијарди евра и трговскиот синџир „Лидл Дискаунт“ во Романија со 5,39 милијарди евра.
Вкупните приходи на 100-те најголеми компании во Југоисточна Европа во 2025 година достигнале 196,8 милијарди евра, што претставува раст од 2,4 отсто во однос на претходната година. Нивната заедничка нето-добивка изнесувала 9,2 милијарди евра, со раст од 4,5 отсто.
Според извештајот, трговијата на големо и мало е најзастапена со 29 компании и вкупни приходи од 54,4 милијарди евра. Следуваат компаниите од секторот на нафта и природен гас, со приходи од 53,4 милијарди евра.
Рангирањето опфаќа компании од 11 земји во Југоисточна Европа, а минималниот приход потребен за влез меѓу најголемите 100 во 2025 година изнесувал 965,3 милиони евра. Листата е составена врз основа на годишните финансиски резултати на нефинансиските компании, додека банките и осигурителните друштва се рангирани одделно.



