МакедонијаНајново

Од 1 април директни летови Скопје – Дубаи

Авиокомпанијата „Флајдубаи“ (flydubai) официјално потврди дека од 1 април 2027 година повторно ќе воспостави директна авионска линија меѓу Скопје и Дубаи. Летовите ќе се реализираат трипати неделно, во понеделник, четврток и сабота, а цените на повратните билети во економска класа ќе започнуваат од 580 евра.

Официјалната потврда од авиокомпанијата следува по средбата што министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ја оствари со главниот комерцијален директор на „Флајдубаи“, Хамад Обаидала, во рамките на работната посета на Обединетите Арапски Емирати.

На средбата беше разговарано за можностите што директната авиолинија ги отвора за унапредување на економските и трговските односи, привлекување инвестиции, како и за зајакнување на туристичката и културната соработка меѓу двете земји.

Муцунски оцени дека воспоставувањето на директната линија претставува конкретен резултат од активната економска дипломатија и заложбите за подобра меѓународна поврзаност на земјата.

Со обновувањето на линијата, патниците од Скопје ќе добијат директна авионска врска со Меѓународниот аеродром во Дубаи (DXB), но и можност за поврзување со бројни дестинации во Азија, Австралија и други делови од светот.

Од авиокомпанијата соопштија дека летовите ќе се реализираат преку Терминал 3 на аеродромот во Дубаи, а на патниците ќе им бидат достапни економска и бизнис-класа. Почетната цена на повратен билет од Скопје до Дубаи во економска класа ќе изнесува 580 евра, додека билетите во бизнис-класа ќе започнуваат од 3.000 евра.

Благодарение на партнерството меѓу „Флајдубаи“ и „Емирејтс“, патниците од Скопје ќе можат со една резервација и со багаж чекиран до крајната дестинација да продолжат кон Австралија, Шангај, Сингапур, Бангкок, Коломбо, Занзибар и други меѓународни дестинации.

Извршниот директор на „Флајдубаи“, Гаит Ал Гаит, истакна дека поврзувањето на градовите со ограничени директни авионски линии претставува важен дел од развојната стратегија на компанијата, со што се отвораат нови можности за туризмот, трговијата и културната размена.

Од компанијата нагласуваат дека Европа останува значаен дел од нивната мрежа, а обновувањето на летовите до Скопје ќе обезбеди повеќе можности за туристите, деловните патници и македонската дијаспора, особено за оние што патуваат од Австралија и Азија.

„Флајдубаи“ располага со флота од 99 авиони „Боинг 737“ и мрежа од повеќе од 120 дестинации во 57 земји. Компанијата најавува и постепено воведување на брз безжичен интернет преку системот „Старлинк“, кој ќе биде бесплатен за патниците.

Директната авиолинија ќе овозможи и полесен пристап за туристите од Обединетите Арапски Емирати до Скопје, Охрид и другите туристички дестинации во земјата.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons