Лазаров: Секогаш е задоволство да се игра во Европа
Ракометниот клуб Алкалоид, утре со почеток од 19 часот го пречекува Ферлах во првиот натпревар од ЕХФ Европскиот куп.
Македонскиот претставник како неодамнешен освојувач на ова натпреварување е еден од главните фаворити за висок пласман. Кире Лазаров го даде своето мислење во пред утрешниот меч.
„Освојувањето на европската титула со домашен ростер, за млад клуб како Алкалоид, беше одлична работа. Се радуваме на новиот предизвик и ќе имаме максимален пристап на секој натпревар. Тоа ќе го барам и од играчите. Секогаш е задоволство да се игра во Европа, а меѓународните официјални натпревари на клупско ниво носат дополнителен квалитет на тимот и посебна мотивација“,истакна Лазаров.
„Противникот доаѓа од држава чија национална селекција е во подем. Имаат искусни играчи со квалитетно минато. Добро се воиграни и имаат добар ракометен систем. Треба да имаме максимален респект кон Ферлах. Бидејќи се работи за елиминациски натпревар, мораме да бидеме максимално фокусирани и дисциплинирани во сите 60 минути. Очекувам тврд натпревар со многу трчање и убави потези“.
„Нам ни се потребни меѓународни натпревари за подигнување на натпреварувачката форма. Минатата сезона ни недостасуваа токму ваков тип натпревари. По првенствениот натпревар со Струга од домашното првенство, имавме и два дена квалитетно да се подготвиме за овој дуел“, заврши Лазаров.



