Почна пријавувањето за вакцина против грип, први на листата се ризичните групи
Граѓаните од ризичните категории веќе можат да се пријавуваат за бесплатна вакцинација против сезонски грип, додека почетокот на имунизацијата се очекува во текот на следната недела. Првично се обезбедени 30.000 дози, поради што предност ќе имаат лицата со најголем здравствен ризик.
Министерството за здравство информираше дека од 14 октомври е активирана можноста за пријавување преку интернет-страницата „Вакцинација МК“, а граѓаните што ќе се регистрираат ќе добијат СМС-порака со точниот термин и местото каде што треба да ја примат вакцината, објави 4news.mk
Бесплатната имунизација е наменета за лицата постари од 65 години, хронично болните, бремените жени, здравствените работници и децата на возраст од шест месеци до пет години.
Поради ограничените количини, во првата фаза предност ќе имаат граѓаните со најкревко здравје. Според информациите од здравствените власти, при утврдувањето на приоритетите ќе се користат податоците за здравствената состојба на пријавените преку системот „Мој термин“.
Вакцините пристигнаа, но сè уште не се распределени
Иако првите 30.000 дози веќе се пристигнати во земјава, нивната распределба по центрите за јавно здравје сè уште не е завршена.
Министерот за здравство Сашо Клековски претходно најави дека вакцинацијата треба да започне во вообичаениот период, меѓу 16 и 25 октомври, но според последните информации почетокот се очекува во понеделник или вторник, односно на 19 или 20 октомври.
Причина за доцнењето во обезбедувањето на вакцините е и неуспешната тендерска постапка, на која не се пријавила ниту една компанија.
Според објаснувањето на министерот, годинава дошло до невообичаена промена на трите соја на вирусот на грип во препорачаниот состав на вакцините, што предизвикало проблеми и доцнења во производството на светско ниво.
Поради ваквата состојба, Министерството било принудено да обезбедува вакцини преку алтернативни канали и директна комуникација со производителите.
Дополнителни вакцини се очекуваат во ноември
Освен првите 30, објави 4news.mk 000 дози, до средината на ноември се очекува да пристигнат уште 26.000 вакцини. Со тоа би биле обезбедени вкупно 56.000 дози, додека првичниот план на Министерството предвидувал набавка на 80.000 вакцини.
Според искуството од претходните години, интересот за вакцинација против сезонски грип е значителен, а потребите се проценуваат на меѓу 70.000 и 80.000 дози.
Од Министерството најавуваат дека ќе продолжат активностите за обезбедување дополнителни количини.
Пријавување преку интернет или со помош на матичен лекар
Граѓаните кои сакаат да се вакцинираат треба да пополнат електронска пријава на порталот vakcinacija.mk.
По регистрацијата, податоците се внесуваат во системот „Мој термин“, преку кој се организира распоредот за вакцинација.
За повозрасните граѓани и лицата кои не можат самостојно да ја пополнат електронската апликација, предвидена е помош од матичните лекари.
Од Министерството за здравство потсетуваат дека вакцинацијата е најефикасната превентивна мерка против сезонскиот грип, особено за лицата со зголемен ризик од тешка клиничка слика.
Имунизацијата го намалува ризикот од сериозни компликации, хоспитализација и смртен исход, поради што здравствените власти апелираат граѓаните од ризичните групи навремено да се пријават.



