Највисоката ветерна турбина во светот изградена во Германија (ВИДЕО)
Највисоката ветерна турбина во светот достигна конечна висина од 365 метри во германскиот град Шипкау, во сојузната покраина Бранденбург, а почетокот на нејзината работа е планиран за ноември.
Ветерната турбина развиена од компанијата ГИКОН од Дрезден е висока приближно колку зграда од 100 ката и е само три метри пониска од телевизиската кула во Берлин – највисоката градба во Германија.
Центарот на роторот се наоѓа на висина од 300 метри, што е значително повисоко отколку кај вообичаените ветерни турбини. Проектот се заснова на идејата за искористување на посилните и постабилните ветрови на поголеми височини, со што би можело значително да се зголеми производството на електрична енергија, пренесува Фена.
За подигнување на конструкцијата беше употребен специјален телескопски систем. Внатрешниот дел од кулата беше подигнат на својата конечна позиција откако беа инсталирани турбината и лопатките, со што целата структура достигна рекордни 365 метри.
ГИКОН наведува дека станува збор за највисоката ветерна електрана во светот и втората највисока градба во Германија. Завршните технички работи сè уште траат, додека официјалното пуштање на постројката во работа е предвидено за ноември.



