Седлоски: Швајцарија е велесила, ама ние дојдовме тука за да направиме нешто
Фудбалската репрезентација на Македонија пристигна во Луцерн, каде во вторник ја очекува нов дуел со Швајцарија во четвртото коло од Лигата на нациите.
Швајцарците се лидери во групата и единствена селекција со максимален учинок, додека Македонија ќе се обиде да го поправи впечатокот по убедливиот пораз во Скопје пред десет дена.
Селекторот Гоце Седлоски вели дека неговиот тим мора да ги поправи грешките од првата средба и најави дека Македонија во Луцерн ќе бара начин да се покаже во подобро издание.
„Пред десет дена игравме со Швајцарија, знаеме каква репрезентација е и со какви играчи располага. Мора да ги надминеме грешките од првиот меч во Скопје. На терен ќе излеземе да докажеме дека знаеме да ги отстраниме проблемите кои ги имавме и головите што ги примивме, со колективна игра, еден за друг. Швајцарија е велесила, но ние тука не дојдовме само да одиграме натпревар, туку да направиме нешто. Сакаме еден добар натпревар за нас, да се израдуваме по поразите кои ги имавме.
Како што кажав, критиките нека одат кон мене, а играчите да добијат поддршка. Потребна им е во овој момент. Здравствениот билтен е добар, немаме повредени, сите се во тренажен процес и се спремни за мечот. Мотивацијата треба да дојде сама по себе, полн стадион, вакви големи натпревари, треба да ја носат. Немаме победено натпревар, немаме дадено гол, а на сите играчи им дадов шанса на овие три меча. Ќе има новитети и играчи кои не играле, затоа што во краток период, четири меча за 12 дена се тешки да се издржат. Не ги критикувам играчите дека не даваат се на терен, но противниците се тие кои некогаш не ти дозволуваат“, изјави Седлоски.
Во составот повторно е Езџан Алиоски, кој во Скопје почувствува болка во листот. Седлоски потврди дека искусниот фудбалер е подготвен и во конкуренција е за настап.
„На натпреварот кој го игравме во Скопје, Алиоски требаше да влезе и почувствува болка во листот. Имаше терапии кои ги правеше и дојде пред последниот натпревар кој го игравме, беше на трибините, за да не ја повтори повредата. Сигурно дека ќе биде во конкуренција да почне. Сите играчи кои се повикани, ќе добијат шанса. Ќе има свежи играчи и некои промени, затоа што не може да се издржи таков период, толку натпревари во кратко време. Е, сега, кој ќе биде на терен ќе видам уште еднаш. Последниот тренинг мина добро, сите се спремни и имаат желба. Излегуваме да се покажеме, а кој ќе игра, ќе одлучам утре. Од секој играч сакам подобро. Тука има момци кои се млади, кои се примени добро од постарите и од меч во меч мора да бидеме подобри. Секој меч е поинаков, но мора да се сите спремни за секој меч што им следи“, заврши селекторот.
Натпреварот меѓу Швајцарија и Македонија се игра во вторник од 20:45 часот во Луцерн и ќе биде втор меѓусебен дуел на двете селекции во историјата.



