Папата: Вештачката интелигенција мора да им служи на луѓето, а не да поттикнува поделби
Папата Лео, кој претходно предупреди дека вештачката интелигенција (ВИ) би можела да доведе до бескрајна војна во светот, во понеделникот повика на развој на системи за вештачка интелигенција кои нема да поттикнуваат општествени поделби, туку ќе ги зајакнуваат мировните иницијативи.
„Во свет одбележан со конфликти и поделби, развојот на вештачката интелигенција бара визија инспирирана од мудрост и сочувство“, изјави поглаварот на Католичката црква во пораката до учесниците на конференцијата за вештачка интелигенција во Рим.
Папата повика на развој на системи за вештачка интелигенција кои „му служат на достоинството на секој човек и ги зајакнуваат врските што го обединуваат човечкото семејство“.
Папата, кој е првиот поглавар на Католичката црква роден во САД, ги направи потенцијалните опасности од развојот на вештачката интелигенција централна тема на својот 16-месечен понтификат, а првпат јавно зборуваше за ова прашање само три дена откако стана папа.
Во својата прва енциклика (папско послание), објавена во мај, тој предупреди дека системите за вештачка интелигенција шират дезинформации и поттикнуваат конфликти. Тој повика на меѓународна регулација на оваа индустрија.
Конференцијата „ВИфорПис“ (Вештачка интелигенција за мир) се одржува на Папскиот латерански универзитет во Рим. Меѓу говорниците се американскиот економист Џефри Сакс, претседателката на Градскиот совет на Рим, Светлана Чели, и Франсиско Рохас Аравена, ректор на Универзитетот за мир (основан со мандат на Обединетите нации), со седиште во Костарика.



