Магазин

Првите знаци на живот на Земјата откриени во вулкан на Санторини

Микроорганизми отпорни на топлина се откриени на морското дно на подводен вулкан на Санторини, а научниците веруваат дека тие се првите претставници на животот на Земјата, според најновото заедничко истражување на научници од Грција, Германија и Канада.

Резултатите од нивното истражување покажуваат дека оваа специфична област во рамките на активниот кратер Колумбо, кој се смета за еден од најголемите подморски вулкани, создава посебна ниша во која микроорганизмите можат да издржат топлотен стрес и да напредуваат на температури што можат да надминат 120 степени, пренесува Грик репортер.

Како што се наведува, ваквите екстремни подводни микроорганизми биле првите претставници на животот на Земјата и се одговорни за генезата на геолошките структури во текот на еволуцијата и создавањето на сите досега познати екосистеми.

Според студијата, вулканското подрачје на Санторини е дел од таканаречениот Хеленски вулкански лак – кој опфаќа пет острови во Егејското Море: Метана, Милос, Санторини, Нисирос и Кос – и се одликува со уникатни хидротермални извори настанати како резултат на подвлекувањето на Африканската Плоча под него.

Научниците веруваат дека, од сите потенцијално населиви средини на Земјата, подводните вулкани со активни хидротермални отвори, како овој, се меѓу најинтригантните, најекстремните и најпредизвикувачките средини за истражување на потеклото и значењето на подводните заедници и развојот и одржувањето на животот, како и за откривање вредни генетски ресурси.

За време на истражувањето, за првпат беа проучени микробните заедници што го населуваат морското дно на вулканскиот систем Санторини-Колумбо.

„Откривме присуство на разновидна микробиота во овој систем, со уникатни стратегии за адаптација, вклучувајќи и отпорни форми способни да го издржат топлинскиот стрес, како што се ендоспорите“, наведуваат истражувачите.

Во студијата се додава дека тие се надеваат оти понатамошното истражување на длабокото морско дно ќе им овозможи да дознаат повеќе за факторите што го обликуваат и ограничуваат животот во длабокоморските средини на активни вулкански системи, како и да дојдат до нови сознанија за еволуцијата на животот на Земјата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons