Голем успех за македонската кинематографија — 14 номинации за наши филмови на регионалните награди „АФА“
Филмската и телевизиска академија на Јадранскиот регион (АФА), основана од регионални филмски фестивали, ги објави номинациите за овогодишните „Адриатик филмски и телевизиски награди – АФА“ (Adriatic Film & TV Awards – AFA Awards) за 2026.
Наградите ги издвојуваат најзначајните филмски остварувања и телевизиски серии од регионот, а годинава се доделуваат признанија во 10 категории од кои седум филмски и три телевизиски.
Оваа година се доделуваат 10 филмски награди во категориите: најдобар филм, најдобар глумец и глумица во главна улога, ѕвезда во подем, најдобар режисер, сценарио и дебитантски филм; телевизиските серии се натпреваруваат за наградите за најдобра серија, најдобар актер и најдобра актерка.
Македонската кинематографија бележи моќно присуство со вкупно 14 номинации во сите седум филмски категории:
„Диџеј Ахмет“ во режија на Георги М. Унковски е номиниран во категориите: најдобар филм, најдобра главна актерка – Дора Акан Златанова, најдобар главен актер – Ариф Јакуп, ѕвезда во подем – Ариф Јакуп, најдобра режија, сценарио и најдобар дебитански филм – Георги М. Унковски.
„Мајка“ во режија на Теона Стругар Митевска е номиниран за најдобар филм, најдобра главна актерка – Нуми Рапас, најдобар главен актер – Никола Ристановски, најдобра режија – Теона Стругар Митевска и најдобро сценарио – Гоце Смилевски, Елма Татарагиќ и Теона Стругар Митевска.
„Павилјон“ – македонска копродукција, доби номинација во категоријата за најдобра главна актерка – Јасна Диклиќ.
„Фантази“ – македонска копродукција, е во номинацијата за најдобар дебитантски филм – Катарина Богдановиќ – Кукла.
За номинациите одлучуваа повеќе од 800 членови на Филмската и ТВ академија на Јадранскиот регион. За наградите се натпреваруваат филмови и серии од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Косово.
Мрежата на фестивали во Јадранскиот регион ја сочинуваат Сараевскиот филмски фестивал, Филмскиот фестивал во Загреб, Фестивалот на авторски филм во Белград, Филмскиот фестивал во Херцег Нови, македонскиот фестивал „Браќа Манаки“ и Љубљанскиот филмски фестивал.
Свеченото доделување на наградите „АФА“ ќе се одржи на 24 октомври во Порто Монтенегро, Тиват, Црна Гора.



