Обвинителите бараат шест години затвор за Тачи за влијаење на сведоци
Обвинителите во Хаг денес побараа поранешниот лидер на таканаречената Ослободителна војска на Косово (УЧК) Хашим Тачи да биде осуден на шест години затвор за предавство на заштитени сведоци и нелегално влијание врз нив во обид во друг судски процес да избегне осуда за воени злосторства.
Според обвинителите, Тачи кој е во судски притвор од есента 2020 година, треба да ја отслужи таа казна дури откако ќе ја отслужи казната на која може да биде осуден следната среда, 16 септември, за воени злосторства во Косово и Албанија, 1998-99 година.
Обвинението го терети Тачи (58) дека на своите соработници кои во летото и есента 2023 го посетувале во хашкиот притвор, им оддал шест заштитени сведоци од главниот судски процес во кој е обвинет за воени злосторства, и дека преку тие посетители им дал инструкции на сведоците како да сведочат.
За кообвинетите Фадиљ Фазљиу, Исни Киљај и Башким Смакај денес обвинителите побараа казна од три години затвор, и девет месеци затвор за Хајредин Кучи.
Според обвинителите, тие го посетиле Тачи во притвор, а потоа им дале на сведоците упатства како да сведочат.
Според обвинителите, со незаконско влијание врз сведоците, Тачи сакал да се „спаси од осуда“ на судењето за воени злосторства во Косово и Албанија, 1998-99 година. Тоа судење заврши во февруари, а судот ќе ја изрече пресудата во среда, 16 септември.
Во тој процес обвинителите претходно побараа Тачи и кообвинетите Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќ да бидат осудени на по 45 години затвор.
Во денешното завршно излагање на судењето на кое Тачи беше обвинет за непочитување на судот и опструкција на Хашкиот трибунал, главната обвинителка Кимберли Вест нагласи дека Тачи, „соочен со можноста за долга затворска казна, се обидел да го опструира процесот со влијание врз сведоците“ и дека бил „фатен со изобилство докази“.
Снимки од разговори во кои Тачи им открива заштитени сведоци на кообвинетите и дава упатства како да сведочат, обвинителите денес пуштија во судницата.
„Соочен со обвинувања за воени злосторства, Тачи, преку неговите кообвинети се обидел да влијае врз сведоците за кои сметал дека се одлучувачки за исходот од неговото судење“, кажа Вест.
Меѓу тие сведоци се, според обвинителите, поранешните команданти на УЧК Рустем Мустафа, познат како „Реми“, и Бисљим Зирапи, на кои Тачи, кршејќи ги судските наредби, им наредил преку посетители „да ги обликуваат своите сведоштва во согласност со наративот на Тачи“.
„Тој давал упатства за тоа што сведоците треба да кажат или да не кажат во обид да ја намали својата вина за воени злосторства“, нагласи обвинителот.
Целта била да се „омекне сликата дека УЧК била организирана војска, а Тачи имал командна улога“ и да се негира неговото присуство на местата на злосторствата спомнати во обвинението.
Порака да ја промени својата претходно дадена изјава на хашките обвинители, Тачи испратил и до еден сведок кој го идентификувал како присутен додека бил малтретиран од страна на УЧК.
Според обвинителите, Тачи му порачал на еден од сведоците преку посетителите на Косово да се врати „како херој, а не како предавник“ и дека тоа е „за негово добро“.
Тачи во притворот ги печател изјавите на сведоците, а потоа им ги дал на кообвинетите со корекции направени во корист на неговата одбрана, кои сведоците требало да ги прифатат.
Обвинителите потоа ги нашле тие изјави кај Киљај и Смакај за време на претрес на Косово.
Завршните зборови на обвинителите и одбраната ќе продолжат утре.
Судењето почна кон крајот на февруари, а обвинителите изнесоа три сведоци пред судот до почетокот на март.
Судијата Кристофер Госнел го сослуша и сведочењето на еден од сведоците на одбраната на Тачи и ја прифати изјавата на друг сведок на Тачи во писмена форма.
Адвокатите на Фазљиу, Смакај и Кучи одлучија да не презентираат докази за одбраната, убедени дека обвинителите не ја докажале својата вина.
Обвинетите Киљај, Фазљију, Смакај и Кучи ги следат завршните зборови преку видео врска од Косово, бидејќи судот ги пушти на привремена слобода.
Во судницата е првообвинетиот Тачи, кој е во судски притвор во Шевенинген од ноември 2020 година, кога беше уапсен на Косово.
Тачи е обвинет по три точки за попречување на службени лица во вршењето на нивните службени должности, по четири точки за кршење на доверливоста на постапката и по уште четири точки за непочитување на судот.
Смакај, Киљај и Фазљију се обвинети по две точки за обид за попречување на службено лице и непочитување на судот, додека Кучи е обвинет за непочитување на судот по две точки од обвинителниот акт.
Според обвинението, Тачи им дал доверливи информации за сведоците, вклучувајќи го и нивниот идентитет, и покрај судската забрана, на Фазлију, Смакај, Киљај и Кучи, кои потоа стапиле во нелегален контакт со сведоците и се обиделе да влијаат врз нив.
Фазљију, Смакај и Киљај биле уапсени на Косово на 5 декември 2023 година и префрлени во притворниот центар во Хаг следниот ден. Кучи не бил уапсен, туку доброволно се појавил пред судот.
Сите обвинети пред судот се изјасниле дека не се виновни според точките од обвинението.
Во обвинението се наведува дека Смакај бил началник на Разузнавачката служба на Косово од 2017 до 2020 година и дека работел за Тачи додека тој бил претседател на Косово.
Киљај е еден од основачите на УЧК и шеф на партијата на Тачи во Малишево, а Фазљи е поранешен член на паравоената група во близина на Подуево.
Хајредин Кучи беше вицепремиер на Косово и министер за правда во кабинетот на Тачи. На актуелното судење на Тачи по обвинението за воени злосторства, Кучи беше член на тимот на одбраната на кообвинетиот Кадри Весељи, шеф на разузнавачката служба на УЧК.
Тачи е во притвор во Хаг од ноември 2020 година. Главното судење на Тачи и неговите кообвинети за воени злосторства на Косово и Албанија, 1998-99 година, почна во април 2023 година и заврши во февруари оваа година.



